Спасовски: На лидерската постигнавме заеднички став дека најважно е здравјето на граѓаните, изборната кампања ќе се прилагоди според препораките на институциите
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, веднаш после координативна средба со партиските лидери, одржа прес-конференција на која информираше за најважните прашања од состанокот на кој учествуваа замениците претседатели во Владата Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование и наука Арбер Адеми, потоа претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, како и лидерите и други претставници на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ, на движењето Беса, на Алтернатива, на Алијансата на Албанците и на ДПА.
Во продолжение на ова соопштение, ви ја пренесуваме изјавата на премиерот Спасовски во целост:
Како што знаете, пред малку заврши средбата со партиските лидери која што ја свикав за взаемно информирање на ситуацијата со која се соочуваме.
Јас и министерот за здравство Филипче информиравме детално за некои аспекти на преземените мерки и активности, и ги отворивме сите опции за идниот развој на настаните и за нашите одговори на нив.
За мене претставува очекувано задоволство тоа што на состанокот се обедини заеднички став дека е најважно здравјето на граѓаните. Тоа е пред сѐ и над сѐ.
Нема поважна работа од здравјето на граѓаните.
Во таа насока побарав согласност, и тоа беше прифатено, дека е неопходно сите да покажат одговорност и да се однесуваат одговорно. На дело да дојде до израз максималната лична одговорност, и максималната одговорност за заедницата и за јавното здравје
Сите институции постапуваат соодветно, ја следат внимателно состојбата и делуваат со препораки и мерки на дневна основа соодветно на развојот на ситуацијата.
Исклучително, суштински важно да се почитуваат препораките, заклучоците и одлуките на Владата кои се донесуваат врз основа на стручните тела за справување со корона вирусот на Министерството за здравство.
Светската здравствена организација прогласи пандемија и тоа е уште една причина повеќе за уште поголема одговорност на сите.
Соодветно на оваа новонастаната глобална ситуација, секоја земја има право да воведе автентични мерки, и ние тоа ќе го направиме. Се повикуваме на искуствата на другите, но и на нашите капацитети и потенцијали
Се разгледуваат дополнителни мерки кои произлегуваат од веќе усвоените мерки и кои треба да се засилат или унапредат.
На седница на Владата која што ќе ја одржиме денеска ќе го разгледаме предлогот на епидемиолозите за забрана на сите јавни и приватни собири без разлика на бројот на присутни граѓани.
Ќе го разгледаме и предлогот кафетериите и рестораните да работат скратено и со намален капацитет на гости. Исто така ќе го разгледаме и предлогот да се откажат сите театарски, кино и други културни настани.
За сето ова разговаравме на средбата и уште еднаш се согласивме дека сите, буквално сите, вклучително и политичките партии, дека мерките се за доброто на сите граѓани. За заштита на здравјето на народот, за побрзо и ефикасно справување со ситуацијата.
Наша должност е сите одговорно да ги почитуваме и следиме.
Сакам да ги уверам граѓаните дека институциите, односно Министерството за здравство, имаат доволен број заштитна опрема, маски, ракавици, дезинфекциони средства и друга опрема, и тоа не треба да биде прашање за загриженост.
Дополнително, постојано се надополнуваат резервите, и се прават нови набавки. Владата даде задолженија секоја институција да спроведе набавка на заштитна опрема согласно нивните проценки.
Многу е важно, сите политички партии да покажат одговорност пред здравјето на граѓаните, да ги следат препораките на институциите и нивните активности, и кампањата да ја прилагодат на она што го налагаат институциите.
Да бидат пример и да ги почитуваат сите мерки кои ги преземаат институциите.
Дозволете ми на крајот да истакнам уште една заедничка согласност од координативната средба.
Го охрабривме апелот на Министерството за внатрешни работи до граѓаните – корисници на социјалните мрежи да не споделуваат и да не шират непроверени односно „лажни“ вести околу вирусот Ковид 19.
Лажните вести создаваат неоснована паника и имаат далекусежни последици и врз општествената состојба но и врз колективното здравје на граѓаните.
Се согласивме дека постојано ќе апелираме до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци од надлежните институции. За сите потребни информации да се обратат до Министерството за здравство, секторот за односи со јавност во Владата или останатите релевантни институции, кои постојано ја информираат јавноста со обновени податоци неколку пати во текот на денот. Сите заедно да придонесеме да ја совладаме оваа состојба.