23/11/2024
МакедонијаСпорт

Спасовски на Првиот европски куп во Џудо – почеток на убава традиција која се очекува да биде дел од календарот на спортски настани на Европската џудо федерација

Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на Првиот европски куп во џудо кој се одржува во Скопје, на покана на претседателот на Џудо федерацијата на Република Северна Македонија, Владимир Трпаноски, а во присуство на претставници на Европската џудо федерација, Владата на Република Северна Македонија, на дипломатско-конзуларните претставништва, Агенцијата за млади и спорт, МОК, како и учесниците на Купот.

„Навистина радува сознанието што оваа наша спортска федерација успеа во идејата која ја донесе до моментот во наредните денови да биде домаќин на над 230 јуниори од 30-тина земји не само од Европа, туку од целиот свет. И, што е уште поважно, ова да биде почеток на една убава спортска традиција, односно и овој спортски настан да биде впишан во календарот спортски настани на Европската џудо федерација”, рече министерот Спасовски во своето обраќање, изразувајќи ја својата увереност дека овој настан во наредниве денови ќе создаде нови пријателства, нови искуства и знаења, нови цели и достигнувања. Особено што во рамки на овој Европски куп се одржува и Јуниорски тренинг камп, како дополнителна вредност на натпреварувачкиот дел од Купот.

„Лично немам дилема, дотолку повеќе што Европскиот куп има неспорна институционална поддршка, дека оваа спортска манифестација целосно ќе ги оправда идејата и претензиите што ги има – да биде натпревар каде што џудо-спортистите ќе имаат можност да ги проверат, но и надградат своите вештини, и да постигнат резултати кои освен што ќе обезбедат бодување на светската ранг-листа, ќе бидат и дополнителен мотив во градењето на нивните спортски кариери”, истакна министерот Спасовски, заблагодарувајќи се на организаторите – Џудо федерацијата на Република Северна Македонија, а на сите репрезентации и учесници им посака успех во натпреварувањето, со желби престојот во нашата секогаш гостопримлива земја да им остане во убави спомени и пријатни сеќавања.