22/11/2024
Македонија

Спасовски промовираше нов превентивен проект за младите: „Кажи не на дрогата, да на животот!“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“-Скопје го промовираше новиот превентивен проект на Министерството за внатрешни работи за превенција од зависностите од дроги и психотропни супстанци кај младите, под мотото – „Кажи не на дрогата, да на животот!“ Министерот Спасовски оствари работна средба со директорката на гимназијата Силвана Кржовска и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на која министерот потенцираше дека за оваа проблематика е потребна континуирана и сериозна институционална активност на сите чинители кои што на еден или друг начин се инволвирани во развојот, образованието, воспитувањето и грижата за малолетничката популација.

„Односот што го градиме, како и посветеноста во превентивната работа со малолетната популација, со основците и средношколците беа и се на самиот врв на приоритетите на МВР, вклучително и областа за која што сме денеска овде во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, каде го промовираме новиот превентивен проект за спречување на зависностите од дроги и психотропни супстанци кај младите“, истакна министерот Спасовски, надополнувајќи дека полицијата, односно Министерството за внатрешни работи, веќе години наназад преку своите организациони единици од областа на превенцијата, а во соработка со другите стручни служби во доменот на недозволената трговија со дрога и психотропни супстанци е целосно ангажирана и отворена за соработка во квалитетната едукација и заштита на нашите деца од опасностите и пороците на зависностите од дроги.

Министерот Спасовски потенцираше дека покрај работењето на превентивен план, се продолжува и интензивната борба за сузбивање на нелегалната трговија со дрога.

„Нашата полиција во првото полугодие од 2023 година откри 372 кривични дела од областа на недозволена трговија со дроги и психотропни супстанци при што кривично беа пријавени 440 сторители. Притоа во овие активности запленети беа 286 килограми марихуана, три килограми кокаин, седум килограми амфетамин, над 3.500 парчиња синтетичка дрога екстази, а дополнително беше разоткриена и лабораторија за производство на амфетамин, беа пресечени три транспортни канали за марихуана и сузбиени пет криминални нарко -трафикантски групи. Македонската полиција беше дел и од меѓународната акција која што резултираше со заплена на речиси 105 килограми кокаин во соседна Грција“, рече Спасовски.

Стратешката определба на македонската полиција е да биде реален и квалитетен сервис на граѓаните, согласно концептот наречен „community policing“ или познат и како “Полицијата во заедницата“, осмислен во соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија.

Покрај репресивниот дел, МВР е посветено и на превенцијата од ова зло, на подрачјата на секторите за внатрешни работи низ целата држава, преку организациски единици за превенција, во соработка со Македонскиот полициски синдикат, а се разбира и со училиштата и со претставниците на локалната самоуправа. За новиот превентивен проект „Кажи не на дрогата, да на животот!“ се изработени едукативно-информативни летоци и плакати наменети за младите, а полициските службеници преку директна комуникација со младите ќе работат интензивно во наредниот период.