Спасовски: Секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран!
Ги повикувам граѓаните доколку било кој врши притисок врз нив или ги заплашува во врска со гласањето во недела, тоа да го пријават во најблиската полициска станица. Тајноста на гласот е гарантирана и ќе биде санкциониран било каков обид за загрозување на слободното изразување на волјата на граѓаните, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата по денешната посета на СВР Куманово и локалната самоуправа.
Министерот Спасовски ги информира медиумите дека на средбата со раководството на СВР Куманово, како и на посетите кои во текот на септември се реализираа во другите сектори за внатрешни работи, се разговараше за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за се да помине во најдобар ред односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните. МВР е подготвено за референдумот во недела, а, согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран, рече Спасовски.
На средбата во СВР Куманово се разговараше и за безбедносната состојба на ова подрачје и беше констатирано дека таа е стабилна и се бележи подобрување во работењето. Во првото полугодие од 2018 година во Куманово има осетно зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области. Во текот на првото полугодие од 2018 година, активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија резултираа со откривање на 14 кривични дела, што претставува зголемување од 75% на откривачката функција во однос на споредбениот период од минатата година. Одлични резултати има и во откривањето на криумчари на мигранти, а се бележи и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир.
На средбата со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски беше констатирана одличната соработка меѓу МВР и општина Куманово, а се разговараше и за дополнително унапредување на таа соработка. Министерот Спасовски најави и дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за изградба на нов објект на СВР Куманово.