25/11/2024
Македонија

Спасовски: Спроведени акции за борба со криминалот и максимална посветеност за ред, безбедност и владеење на законите

„Со моето враќање на чело на Министерството за внатрешни работи се обврзав да продолжам онаму каде што застанавме – во посветена изградба на силна институција, која ќе го гарантира редот, безбедноста и владеењето на законите, како и на етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста, како квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција посветена на 100 дена Влада.

Борбата за спречување на ширење на пандемијата со коронавирусот КОВИД-19 ја истакна како приоритет, а кризата како дополнителен мотив за работење со полна пареа и водење на државата кон излез со што помалку последици.

„Започнавме со ревносно спроведување на протоколите за заштита од коронавирусот, што резултираше со 70% повеќе санкции за само 3 месеца, за разлика од претходниот период. Или, вкупно околу 60 илјади преземени мерки, што придонесе за нивно подоследно почитување од страна на граѓаните. Како резултат на тоа, кон крајот на трите месеци за 50% се намали и бројката на санкционирани за неносење заштитни маски. Во насока на надминување на последиците и предизвиците од коронавирусот, во изминатиот период МВР поднесе и над 250 кривични пријави за непочитување на изолација и самоизолација и изврши околу 37.000 контроли во угостителски и други објекти“, посочи тој во своето излагање, додавајќи дека посветеноста за создавање безбедни средини за граѓаните МВР ја преслика и во сообраќајот.

Ако во првите седум месеци бројот на сообраќајни контроли беше помал за 73%, а бројот на преземени мерки за 69,4% одошто во истиот период минатата година, со засилените акциски контроли во последниов период, ноември беше завршен со намален број на сообраќајни незгоди за 21%, бројот на незгоди со тешки телесни повреди се намали за 47%, а бројот на жртви за 36%, за разлика од ноември 2019. Или, во периодот септември-ноември беа констатирани и законски санкционирани вкупно 26.530 прекршители, што е за 415,18% повеќе од периодот јануари-јули 2020 (5.150 прекршители).

„Но, безбедноста на граѓаните бараше и започнување на бескомпромисна борба со криминалот. Од средината на септември воспоставивме оперативна акција, со насочени активности на целото подрачје на државата за сузбивање на недозволената трговија со дрога. Тоа вроди со плод, па во периодот септември-ноември 2020, месечниот просек на откривачката функција го зголемивме за 48%. Запленивме над 400 килограми разновидна наркотична дрога, како и 4.544 таблети  и 3,5 килограми синтетичка дрога, откривме 233 кривични дела, а мерки на кривичен прогон се преземени против 276 сторители“, истакна министерот Спасовски.

Тој потсети дека во споменатиот период беа сузбиени и две организирани криминални групи, инволвирани во недозволена трговија со кокаин и марихуана, во кои дејствувале 12 членови,  спречени се три меѓународни транспорти на дрога, при што беа запленети над 50 килограми марихуана и околу 100 килограми хашиш, а откриени се и три лаборатории за одгледување на растенија канабис и производство на хашиш масло.

„И, како што можете да следите, продолжуваме со несмален интензитет. Само ефикасна и силна полиција, која работи со полн капацитет и легитимитет, испорачува резултати во активностите за справување со криминалот. Особено важни се резултатите постигнати во борбата против недозволената трговија со оружје, при што значајно е зголемен бројот на реализации и заплени на оружје и муниција, и во однос на истиот период од минатата година, но и во однос на периодот од јануари до јули 2020. Во тој период, бројот на откриени кривични дела беше намален за 36%, а намалени беа и количините на запленети парчиња оружје, во споредба со истиот период лани“, предочи министерот за внатрешни работи.

Така, за изминатите 100 дена откриени се вкупно 48 кривични дела, за што кривично се пријавени 51 сторител. Притоа, запленети се 84 парчиња огнено оружје, над 4.000 парчиња муниција и над 14.000 петарди, односно за 20% е зголемена заплената на оружје, 88% на муниција и 816% на пиротехнички средства. Спасовски потсети дека интензивно се работеше и во делот на спречување на илегалната миграција и сузбивањето на криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

„Ефикасноста на овие мерки особено е изразена кон крајот на септември, кога на неделно ниво евидентно се намали бројот на транзитирање мигранти во Република Северна Македонија, а во текот на ноември нивниот број е двојно намален. Акцијата, во која е извршена проверка и е утврден идентитетот на 22.437 лица, извршен преглед на 26.780 возила и спроведени 14.891 останати активности,  резултираше со вкупно откриени 10.014 мигранти“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека опаѓачки тренд бележи и делувањето на криминалните групи поврзани со криумчарење на мигранти, а за само 100 дена кривично се пријавени 47 сторители за 18 кривични дела.

Притоа, од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе детектирани и сузбиени се две криминални групи составени од 18 членови, кои во период од десет месеци нелегално пренеле околу 250 мигранти со потекло од Блискиот Исток од Р. Грција на територијата на Северна Македонија. На подрачјето на сериозниот криминал, пак, Спасовски го посочи сузбивањето на терористичка група – ќелија на терористичката организација ИСИС, која делувала на територијата на Република Северна Македонија, но и разбивање на организираната група од Виница, која незаконски продавала лажни ковид тестови.

„Кон зголемување на безбедноста на сите наши граѓани, како наш врвен приоритет, продолживме и преку интензивните активности за приведување на криминалци барани по меѓународна и централна потерница. Притоа, за само 3 месеци, 209 лица се лишени од слобода и спроведени во затворите за отслужување или доотслужување на затворската казна. Ова е уште еден показател дека со чесна, одговорна и транспарентна работа можеме континуирано да ја продлабочуваме  веќе зголемената доверба на граѓаните во полицијата“, истакна министерот Спасовски.

Тој укажа дека со враќањето на челната позиција на МВР, продолжи со реализација на заложбата за севкупно подобрување на професионалните услови за работа на полициските службеници, преку продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици.

„Ова се рефлектираше во комплетно завршени градежни активности на објектите на Аеродромската база Петровец и Полициското одделение Жеровјане, а во тек е реконструкција на ОВР Кавадарци, ОВР Гевгелија, Регионален центар Југ и Полициска станица Бит Пазар, како и изградбата на Центарот за санирање од катастрофи во Прилеп и на новите современи форензички лаборатории. Впрочем, во таа насока говори и процентот на реализација на капиталните расходи, кој само во 100-те дена изнесува 33,16%“, посочи Спасовски, напоменувајќи дека продолжи и  реализацијата на набавките на обувки, униформи и посебна опрема за полициските службеници, како и дека се обезбедени средства за исплата на бонус плата на вработени во МВР за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, како и средства за бонус плата за 2017 и 2018 година.

„Одговорно тврдам дека во наредниот период со уште поголема енергија ќе се посветиме на градење на европски стандарди во полицијата, согласно владините стремежи Европа да ја донесеме дома. Тука би сакал да се заблагодарам и на граѓаните за дадената доверба за заедничко спроведување на нашите приоритети, како и на медиумите, за воспоставениот партнерски однос кој секојдневно го јакнеме. Затоа, со право верувам дека во наредниот период, продолжувајќи со силна мотивираност да ги градиме севкупните капацитети на оваа наша институција, можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето, во полза на сите граѓани на Република Северна Македонија“, порача министерот Спасовски.

Линк до презентацијата од прес-конференцијата на министерот Оливер Спасовски на македонски јазик

Линк до презентацијата од прес-конференцијата на министерот Оливер Спасовски на албански јазик