23/11/2024
Македонија

Спасовски – Сугарески: Успехот во борбата против организираниот криминал и корупција на нашите институции ќе биде успех на целата држава

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со новоназначениот директор на Царинската управа, Горан Сугарески. Целта на средбата беше унапредување на соработката и на процесите кои Царинската управа ги има со сите институции со кои по надлежност соработува.

На средбата од двете страни беше потврдена успешноста на соработката на двете институции која во иднина само ќе се унапредува, а фокусот беше ставен на заедничката борба против организираниот криминал и корупцијата и тековната соработка преку заедничките проекти на полицијата и Царинската управа.

„Нашите институции, кои се позиционирани ‘рамо до рамо’ во своите надлежности и законски обврски во борбата против корупцијата и организираниот криминал, мора интензивно да продолжат со активностите, а резултатите на таа борба ќе бидат резултати на нашата држава во целост“, истакна министерот Спасовски.
Министерот ја аргументираше борбата против криминалот и корупцијата со создавањето на Националниот центар за борба против корупцијата со седиште во МВР, во кој учестуваат сите институции кои имаат надлежности на прогон и истрага за борба против корупцијата, во кој, секако, спаѓаи Царинската управа.

„Досегашната добра меѓуинституционална соработка ќе продолжи и понатаму во однос на идните начини за ефикасно преземање на непосредни заеднички активности за заштита на државната граница на Република Северна Македонија, зајакнување на активностите за борба против корупција, спречување и откривање на организиран и други видови криминал, олеснување и забрзување на движењето на стока и патници и поефикасно искористување на расположивите ресурси“, посочи директорот Сугарески.
Во однос на сузбивањето на корупцијата и организираниот криминал беше посочено дека Министерството и Царинската управа ќе продолжат со креирање на модерни решенија и техника од кои е исклучен човечкиот фактор, како што е планираното опремување на сите гранични премини за полицијата и царината, со т.н.„боди камери“ и софтверско решение преку кое ќе се надгледува работата и на службениците.

Заеднички и од двете страни се потенцираше дека за успешна борба со организираниот криминал и корупцијата е потребна посилна соработка со Јавното обвинителство, која се очекува да достигне повисоко ниво.

На состанокот се разгледа и планот за отпочнување на неколку големи заеднички проекти во делокругот на постојаната соработка меѓу МВР и Царинската управа, со цел нивна континуирана успешна имплементација.