22/11/2024
Македонија

Средба на министерот за локална самоуправа Фазлиу со бугарската министерка за регионален развој и урбанизам, Аврамова

Трендот на максимална реализација на средствата од Европската Унија за заеднички проекти за прекугранична соработка ќе продолжи, oценка на двајцата надлежни министри на промоцијата на проектот “Зелени згради за заедничка зелена иднина”, во Благоевград, Република Бугарија, каде министерот Фазлиу го истакна владиниот став дека нема алтернатива за Република Македонија и парламентарните политички партии треба да ја преземат одговорноста и да и го отворат патот на земјата и на граѓаните кон градење на европска иднина.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, денеска во Благоевград оствари средба со бугарската министерка за регионален развој и урбанизам, Петја Аврамова.

На средбата се разговараше за соработката меѓу двете министерства која што ќе биде продлабочена со потпишување на меморандум, кој што е во владина процедура. Соработката ќе се одвива во областите на локалната самоуправа, регионалниот развој и територијалната соработка. Министерот Фазлиу изрази задоволство што преку соработката меѓу двете министерства, размената на информации и добри пракси, најмногу ќе се работи на зајакнување на институционалните капацитети.

– За нас како министерство ова ќе биде значаен чекор кон зајакнување на нашите институционални капацитети во процесот на интегрирање во Европската Унија, особено во сегментите кои што се тесно поврзани со политиките на Унијата. Ќе ни бидат корисни искуствата и добрите пракси на Бугарија во спроведувањето на политиката на регионален развој и територијалната соработка, финансиски поддржана од Европската Унија.

Средбата меѓу двајцата министри се реализираше во рамките на промоцијата на заедничкиот проект “Зелени згради за заедничка зелена иднина”, финансиран од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка. Проектот во вредност од 408 илјади евра е наменет за обезбедување на енергетска ефикасност на јавни објекти во Источниот плански регион во Република Македонија и во Благоевградскиот, во Република Бугарија.

Оценка на двајцата министри е дека трендот на максимална реализација на средствата од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка, ќе продолжи.

Министерот Фазлиу истакна дека Програмата за прекугранична соработка со Бугарија е најуспешна, со сто насто искористени средства од Европската Унија. Тој изрази очекување дека и во вториот програмски период успешно ќе бидат реализирани 19,5 милиони евра кои што ги имаме на располагање.

– Немаше да биде реализиран ниту еден проект без заедничката соработка меѓу земјите и партнерите од двете страни. Успешноста на програмата се потврди и на последниот јавен повик за проекти. Интересот беше огромен, проекти доставија 375 апликанти, а процесот на нивна оценка и одобрување треба да заврши до крајот на годината. Нашиот следен предизвик е планирањето на новиот програмски период по 2020 година, рече министерката Петја Аврамова.

– Владата на Република Македонија ја цени поддршката што Владата на Република Бугарија и ја дава во клучните моменти. Исклучително важна ни беше поддршката во месеците кога Бугарија претседаваше со Советот на Европската Унија, а и сега, кога нашата Влада прави максимални напори за решавање на споровите и градење на мостови на пријателство и на соработка, како европска вредност и начин за наше членство во евроатлантското семејство. Владата на Република Македонија е цврсто решена да опстои на определбата за членство во Европската Унија и во НАТО. Нема друга алтернатива за Република Македонија и парламентарните политички партии треба да ја преземат одговорноста и да и го отворат патот на земјата и на граѓаните кон градење на европска иднина, рече министерот Сухејл Фазлиу.