23/11/2024
Македонија

Средба на претседателот Иванов со полскиот претседател Анджеј Дуда

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени COP 24, што се одржува во Катовице, одржа билатерална средба со претседателот на Република Полска, г. Анджеј Дуда.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Полска, при што беше констатирано дека двете земји негуваат пријателски и конструктивни односи, со стабилен политички дијалог.

Претседателот Иванов изрази благодарност за целокупната поддршка на Република Полска од воспоставувањето на дипломатските односи кои годинава одбележуваат 25 години како и за употребата на нашето уставно име во билатералните односи.

Истакнувајќи дека Република Полска е важен и докажан партнер и поддржувач на македонската интеграција во ЕУ и во НАТО, македонскиот претседател го изрази интересот за натамошно продлабочување на билатералната соработка преку размена на посети на највисоко ниво.

На средбата беа разменети мислења и информации за мигрантската и бегалска криза, при што претседателот Иванов се заблагодари за досегашната помош од страна на Република Полска. Во тој контекст, македонскиот претседател нагласи дека полскиот контингентот како дел од на странските полициски сили дава значајна поддршка на македонските безбедносни сили во контролирањето и сузбивањето на обидите за илегални премини на нашата јужна граница.

Претседателот Дуда посочи дека полската поддршка за Република Македонија како во однос на нашите евроатлантски интеграции така и за мигрантската криза ќе продолжи и во иднина.

На средбата беа разменети мислења за севкупните состојби во регионот, во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Polska2