Средба со Ендру Пејџ, директор за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Ендру Пејџ, директор на Директоратот за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство.
На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете држави, за случувањата во Европа и Европската унија, за актуелната политичка состојба во Република Македонија и за состојбите во регионот.
Претседателот Иванов ги реафирмираше стратешките цели на Република Македонија во однос на европските и евроатлатските интеграции и изрази очекување дека и покрај Брегизит, билатералната поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија ќе продолжи.
– Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор, порача на средбата претседателот Иванов.
Македонскиот претседател го реафирмираше интересот за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог со Обединетото Кралство и проширување на областите на соработка.
Во однос на актуелните регионални случувања, беше истакната потребата од поддршка на напорите на земјите од Западен Балкан во градење на просперитетно, безбедно и стабилно соседство. Одржувањето на мирот и стабилноста на регионот е од клучно значење за целиот европски континент, рече на средбата претседателот Иванов.