Сузбиена организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со оружје и дрога (ВИДЕО)
Министерството за внатрешни работи денеска (28.04.2021) сузби организирана криминална група инволвирана во вршење на криминални активности од областа на недозволена трговија со оружје и дрога, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
„Во рамки на повеќемесечната истрага обезбедени се доволен број на докази кои ја потврдуваат инволвираностa на членовите во недозволена трговија со оружје и дрога и документирани се продажби на наркотична дрога и оружје. Денеска (28.04.2021) во раните утрински часови, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, со поддршка на Одделот за специјални полициски операции и Одделот за криминалистичка полиција, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција лишени се од слобода членовите на организираната криминална група. Приведени се девет лица (осум од с. Арачиново и едно од Свети Николе), а едно лице-член на групата од претходно е на издржување мерка притвор“, соопшти Ангеловски.
Врз основа на издадени Наредби од надлежен суд извршени се претреси во дом и други простории на повеќе локации на подрачјето на град Скопје (с. Арачиново) и на една локација на подрачјето на Свети Николе. При извршените претреси се пронајдени и одземени и рамки за автоматска пушка, куршуми од различен калибар, седум возила, мобилни телефони, како и други предмети поврзани со истрагата.
Х.Б. (54) и А.М. (44) создале организирана криминална група инволвирана во вршење на кривични дела од областа на недозволена трговија со оружје, муниција и дрога, и раководеле со групата која подолг период делувала на територијата на нашата држава, а кон неа се приклучиле Ф.Б.(22), В.Б.(25), Д.Б.(44), И.С.(48), И.Ј. (45) (полициски службеник), Љ.А. (31), И.А. (40) и Р.А.(16), кои на заинтересирани лица го продавале нелегалното оружје, муниција и дрога.
„При спроведувањето на повеќемесечната истрага и презамањето на мерки и активности, документирани се повеќе од 20 случаи на купопродажба на дрога,оружје и муниција при што се обезбедени доволен број на докази кои ја потврдуваат нивната инволвираност за кривичните дела за кои се теретат овие лица. Исто така, во рамки на ова криминалистичко истражување, по преземени мерки и активности се реализирани повеќе случаи на недозволена трговија со дрога (најмногу хероин, но и марихуана и хашиш), како и оружје и муниција, за што веќе од МВР се поднесени кривични пријави за уште 12 лица (девет за недозволена трговија со дрога и три лица за недозволена трговија со оружје и муниција). Оваа криминална група е поврзана и со претходно реализиран случај во Кичево на 10.11.2020 година, каде што се запленети голема количина на оружје и муниција.Министертсвото за внатрешни работи и во наредниот период продолжува со интензивните акции за сузбивање на вакви и слични криминални групи“, рече Ангеловски.