18/11/2024
Македонија

Тошковски и Андоновски промовираа алатка за онлајн аплицирање за дозвола за оружје преку националниот портал uslugi.gov.mk

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денес ја презентираа новата дигитална услуга или можност за поднесување на онлајн барање за издавање на одобрение за набавка на оружје на физичко лице која ќе биде достапна преку сајтот на МВР и на националниот портал uslugi.gov.mk.

Министерот потенцираше дека во минатиот период по огромен број на претставки и поплаки на граѓани Комисија за ревизија на МВР утврдила дека изминатите години селективно и незаконски им биле издавани дозволи за поседување оружје на лица кои не ги исполнувале условите со што е отворена истрага која резултира со 15 откази на високи полициски функционери и ќе продолжи со кривично правна постапка.

„По над 5000 предмети не било постапувано во минатото а притоа апликанти кои не исполнувале услови им било давана дозвола за истите да поседуваат оружје. Тие полициски службеници заслужиле отказ, си добиле отказ во рамки на дисциплинска постапка, а согласно напатствијата на јавниот обвинител ќе следи и соодветна кривична постапка за оние за кои постојат елементи дека сториле кривично дело“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски образложи дека со цел граѓаните да добијат системско и брзо решение кое нема да биде подложно на можност за корупција, во соработка со министерството за дигигална трансформација и УНДП е создадено оваа решение.

„Оваа решение, оваа алатка ќе овозможи системски пристап кон остварување на правата нас на граѓаните. Граѓаните нема да имаат потреба лично да се обраќаат до сите институции како пример судот за прибават дозвола за неосудуваност и ќе се намалат трошоците за самите граѓани бидејќи нема сами да ги вадат потребните документи туку институциите ќе си ги разменуваат меѓу себе преку нивните бази за податоци. Барањето почнува со пред фаза во која ќе се утврди дали лицето согласно законските норми исполнува услови за се стекне со дозвола за оружје и притоа никој нема да има дискреционо право да фаворизира туку ќе се постапува неселктивно по сите барања. Апликантот ќе биде известен на електронска пошта дали е подобен да добие дозвола за оружје. Ако е, во втора фаза тогаш ќе треба да прибави други документи како лекарско уверение, посетеност на обуки и слично. Со други зборови, со оваа алатка ги намалуваме чекорите, ги намалуваме трошоците и ја отстрануваме можноста за корупција.“, потенцираше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски на крај истакна дека министерството за внатрешни работи ќе продолжи да ги дигитализира своите процеси и услугите за граѓаните бидејќи само така се олеснуваат чекорите до остварување на правата на граѓаните од една страна а се намалува можноста за било каква корупција од друга страна.

Министерот за дигитална трансформација ја поздрави можноста МВР да ги дигитализира процесите и на граѓаните да им понуди дигитални услуги кои ќе штедат нивното време и трошоци притоа употребувајќи ги националните ресурси како националниот портал uslugi.gov.mk каде покрај сите достапни услуги за граѓаните ќе биде достапна и оваа можност за аплицирање за дозвола за оружје.

„Освен националниот портал uslugi.gov.mk овде ќе биде искористена и платформата за операбилност каде институциите меѓу себе ќе ги прибавуваат доказите и информациите за граѓаните, без за тоа граѓаните да имаат обврска да одат од шалтер на шалтер и да трошат дополнително време и ресурси., истакна министерот Андоновски.

Министерот Андоновски ги повика граѓаните масовно да го користат порталот uslogu.gov.mk како за оваа услуга така и за сите останати услуги достапни на порталот и ги повика сите институции да работат на својата агенда за дигитализација и да нудат на граѓаните дигитални услуги кои ќе ќе го штедат времето и ресурсите на своите граѓани.

На настанот од стана на Одделот за информатичка и телекомуникации на МВР беше презентирана во живо постапката за аплицирање за дозвола за оружје.