Тошковски: Промени за спасување животи – ќе набавиме тестови за дрога за сообраќајната полиција, можност за трајно одземање на возило при најтешки услови за безобзирно возење
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во своето обраќање на јавната расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“ предложи неколку законски измени во законите кои ја регулираат оваа сфера со цел заштита на безбедноста на граѓаните во сообраќајот и ултимативно намалување на жртви во сообраќајни незгоди.
Министерот Тошковски во своето излагање дефинираше неколку најважни точки на предлог законски измени и унапредувања кои ќе го зајакнат системот со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот:
– Ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци, конкретно сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекувва парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор.
– Проширување на можностите на системот „Безбеден град“ да препознава нерегистрирани возила.
– Набавка на тестови за дрога. Веќе сме во подготвителна фаза за набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол.
– Одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење.
– Инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит.
– Дигитализација и целосно поврзување на МВР со судовите со цел полесна евиденција на изречените забрани за управување со моторно возило.
– Целосно имплементирање на системот „Безбеден град“ кој ќе гарантира дека санкциите се спроведуваат доследно и континуирано.
– Аплицирање на промени кои ќе овозможат системот да овозможи ефективна контрола и строги санкции за рецидивистити, преку институционална вмреженост и ефикасна размена на податоци помеѓу институциите. Еден од поголемите проблеми што ги имаме во контекст на сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Постојат бројни случаи каде луѓе кои сториле тешки кривични дела во сообраќајот поминуваат со минимални или дури и условни казни. Казните, колку и да се високи на хартија, не значат ништо ако тие не се изрекуваат, а уште помалку ако не се спроведуваат. Ние мораме да го разбиеме овој систем на компромиси и полуправда, односно неправда.
Министерот потенцираше дека одлуките што ќе се донесат на самата расправа ќе бидат пресудни за тоа дали ќе изградиме општество во кое владее ред и закон или ќе продолжиме да живееме во средина каде што беззаконието и неказнивоста стануваат норма и дека ова е можност која не смее да се пропушти да се направи вистинската промена, промена која ќе спаси животи, што ќе донесе правда и што ќе обезбеди систем што ќе функционира за сите граѓани, подеднакво.
Во продолжение интегралното обраќање на министерот Тошковски.
Почитуван претседател на комисијата, почитувани пратеници, почитувани присутни, почитувани граѓани,
Денес не сме овде за политички препукувања, денес сме овде затоа што изгубивме млад живот што не смееше да биде изгубен, трагедија која не е само лична болка на едно семејство, туку сурово огледало на реалноста во која сите живееме. Оваа трагедија го разоткри нефункционалниот систем што не успеал да ја заштити безбедноста на граѓаните, систем што дозволувал рецидивисти да бидат на улиците наместо во затвор и да одземат човечки животи. Фросина Кулакова не е само име и презиме на една прекрасна млада девојка која имаше цели, соништа и живот пред себе – таа стана симбол на неправдата која трае предолго, на системот што дозволува неодговорноста да остане неказнета и на итната потреба за промени што не смееме повеќе да ги одложуваме. Нејзиниот случај нѐ потсетува и на една горчлива вистина, а тоа е дека во 2024 година изгубивме 142 животи во сообраќајни несреќи. Тоа не се само бројки, тоа се луѓе – синови, ќерки, родители, пријатели и секој од тие изгубени животи е трагедија сам по себе, бидејќи нивната загуба е подеднакво болна и нивната правда е подеднакво важна.
Разбирам дека јавноста е гневна и има право на тоа. Гневот не е само поради една трагедија, туку поради фактот што предолго живееме во систем кој остава простор за неказнивост, за селективна правда, за луѓе кои повторно и повторно ги кршат законите без последици. Ова не е проблем на еден човек, една институција или една влада – ова е проблем на целото општество и затоа мораме конечно да работиме на решенија што ќе овозможат вистинска промена.
Културата на протекционизам, на неказнивост, создава социо-патолошки поведенија, особено кај младите. Кога системот испраќа порака дека правилата не важат подеднакво за сите, тогаш добиваме генерации кои веруваат дека можат да прават што сакаат без последици. Но, тоа мора да престане. Законите не смеат да бидат само мртво слово на хартија, тие мора да бидат имплементирани и почитувани.
Еден од поголемите проблеми што ги имаме во контекст на сообраќајната безбедност е огромниот расчекор помеѓу бројот на пријавени и осудени прекршители. Постојат бројни случаи каде луѓе кои сториле тешки кривични дела во сообраќајот поминуваат со минимални или дури и условни казни. Казните, колку и да се високи на хартија, не значат ништо ако тие не се изрекуваат, а уште помалку ако не се спроведуваат. Ние мораме да го разбиеме овој систем на компромиси и полуправда, односно неправда.
Потребен ни е систем кој ќе овозможи ефективна контрола и строги санкции за рецидивистите. Но, за тоа е потребна институционална вмреженост што би овозможила навремена и ефикасна размена на податоци. Токму затоа, како Влада работиме на итна дигитализација и интероперабилност на системите – за сите податоци да бидат автоматски достапни на институциите, за да не може никој да избега од одговорност. И ова не е само административна промена – ова треба да биде суштинска реформа што ќе донесе вистинска ефикасност и транспарентност на системот.
Но, ако сакаме вистинска промена, треба да погледнеме и во себе. Ајде да се запрашаме колкумина од нас свесно седнуваат зад воланот после испиени неколку алкохолни пијалоци? Колкумина возат побрзо од дозволеното? Колкумина додаваат гас кога ќе светне жолто светло на семафорот наместо да кочат? Колкумина од нас, кога сме во улога на пешаци, не поминуваме на пешачки, туку ја преминуваме улицата каде што ни е најблиску? Колку татковци гордо се фалат дека нивните синови научиле да возат автомобил уште пред да положат возачки испит? Колкумина од нас, откако ќе направат прекршок, прво бараат пријател кој ќе им ја “среди” казната?
Проблемот со неказнивоста не е само во законите. Како министер, јас повеќе од една година повторувам дека немаме функционален систем. Проблемот е во тоа што сите заедно дозволуваме да нема систем, да нема правна свест, да нема сообраќајна култура. Законот мора да важи еднакво за сите – без разлика дали некој е моќен, богат или сиромав. Дисциплината и почитувањето на законите не се прашање на избор, туку обврска што сите мораме да ја прифатиме.
Токму затоа, сметам дека фокусот не треба да биде само на заострување на казните, туку во градење на систем кој ќе овозможи комплетно елиминирање на неказнивоста. Досега, правилото беше дека прекршителите лесно поминуваат, а казната беше исклучок. Тоа мора да се промени. Превенцијата е клучна за да спречиме нови прекршоци, но подеднакво важно е и да имаме ефикасен систем за евиденција на рецидивистите, со строги санкции што навистина ќе се спроведуваат, за да не дозволиме повторување на исти опасни поведенија.
Вчера бев на терен во посета на патролите што работат по планот за зајакнати мерки во областа на сообраќајот и бев информиран дека полициските службеници констатирале голем број на прекршоци. Секогаш кога полицијата ќе ги засили контролите, бројот на санкции се зголемува, но сметам дека ваквите ад-хок акции, колку и да се неопходни, нема да го решат проблемот на подолг рок. Нам ни е потребно системско решение кое ќе гарантира дека санкциите се спроведуваат доследно и континуирано, а не само периодично, кога фокусот на јавноста е зголемен. И во тој контекст најлогичното и најефикасното решение е дигитализација и автоматизација. За таа цел веќе месеци наназад работиме на целосно и ефикасно имплементирање на системот “Безбеден град“ кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните преку целосно дигитализирање на процесот, притоа комплетно елиминирајќи го човечкиот фактор и можноста за злоупотреби. Исто така, испланиравме средства за поставување на камери и во другите градови низ државата така што овој систем од “Безбеден град“ ќе прерасне во “Безбедна држава“.
Во делот на законските измени, лично сметам дека е неопходно ревидирање на законските одредби кои ги регулираат сообраќајните прекршоци. Сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекувва парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор. Мора да се предвиди и инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, затоа што бројките се страшни – во 2022 година биле констатирани 16359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19885, а во 2024 година 19000 прекрошци. Исто така размислуваме и за воведување на задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење.
Во текот на анализите и изработката на промените на законите во делот на сообраќајот воочивме проблеми и со спротивности помеѓу законите кои ја регулираат оваа материја. Еден пример е кај забраната за управување со моторно возило. Законот за прекрошци вели дека забраната почнува да тече од денот на евидентирање на истата во возачката дозвола, додека во законот за извршување на санкции стои дека забраната почнува да тече од денот на внесување на истата во досието на возачот. Друг проблем во овој контекст е што некогаш судовите писмено го известуваат МВР за изречена забрана дури после 3-4 месеци. Затоа, работиме на измени кои ќе го поедностават и забрзаат овој процес и ќе предвидат внесување на забраните во системот преку електронска комуникација на судовите и МВР, се со цел да нема простор за манипулација и ненавремено внесување на забраната.
Покрај тоа, работиме и на проширување на можностите на системот “Безбеден град“ во делот на автоматско санкционирање на нерегистрирани возила. Веќе сме во подготвителна фаза за набавка и на тестови за дрога, нешто што досега никогаш не било имплементирано, а според анализите, возењето под дејство на опојни дроги е исто толку опасно како и возењето под дејство на алкохол.
На крај, сакам да истакнам дека нашата одговорност не завршува со оваа расправа. Ова не смее да биде уште еден случај што ќе предизвика бурни реакции, а потоа ќе биде заборавен. Одлуките што ќе ги донесеме сега ќе бидат пресудни за тоа дали ќе изградиме општество во кое владее ред и закон или ќе продолжиме да живееме во средина каде што беззаконието и неказнивоста стануваат норма.
Имаме можност што не смееме да ја пропуштиме, можност да направиме вистинска промена – промена што ќе спаси животи, што ќе донесе правда и што ќе обезбеди систем што ќе функционира за сите граѓани, подеднакво.
Ви благодарам.