23/11/2024
Македонија

Усвоен Акцискиот План за спас на Преспанското Езеро и обезбедени првични финансии за негова имплементација

На вчерашната, 32 седница, Владата го усвои Акцискиот план за Преспанското Езеро на Министерството за животна средина и просторно планирање подготвено од воспоставената Експертска работна група (ЕРГ).

Акцискиот план содржи сет на мерки кои се детално елаборирани, со утврден приоритет и дефинирана временска рамка на спроведување, пропратени со проектирани финансии потребни за нивната имплементација. Акцискиот план е интегрален и ги дефинира сите важни чинители, што ќе се вклучат со свои конкретни обврски и активности во неговата реализација.

Експертската група составена од претставници на релевантните сектори на стручниот огран при МЖСПП, УХМР, академијата и невладиниот сектор, во своите првични наоди како главни причинители за ваквата состојба ги утврди: климатските промени, тектонските појави и човековото делување. Сите овие активности, директно условиле брзо спуштање на нивото на водите во Езерото, а зголемените температури на воздухот, намалената влага и ветровите, го забрзуваат процесот на испарување, што доведува до забрзано губење на големи количини на вода. Сепак не треба да се заборави дека варијациите на нивото на Езерото се циклична појава. Во повеќе пишани документи од минатите 200 години, посредно или непосредно може да се заклучи дека периодот на максимално и минимално ниво е со променлива периода и се движи од 25 до 40 години.

Од тука, планираните активности се насочени кон постигнување на две генерални цели и тоа: подобрување на условите во животната средина со обезбедување на подобар статус на водата, почвата и биодиверзитетот за да се заштити здравјето на луѓето и целиот екосистем на сливот на Препанското Езеро (квалитет на водите) и како втора цел одржливо и ефикасно искористување на водата и контрола на нивото на Езерото кое го делиме со уште две соседни држави и за што ќе треба заедничка координација, како и контрола и на подземните води (количина на водите).

Во правец на постигнување на првата цел, Владата на РСМ веќе ги задолжи надлежните институции утврдени во Акцискиот план за Преспанско Eзеро, да обезбедат финансиски средства за реализација на мерките на Планот и донесе Одлука за одобрување првични средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во износ од 44.000.000 денари на општина Ресен, наменети за активности од Акцискиот план за Преспанското Езеро.

Во исто време, Министерството за животна средина и просторно планирање ја обезбеди поддршката на Фондот за Природа „Преспа-Охрид“ – ПОНТ за имплементација на Акциониот план преку пет тригодишни грантови за надлежните институции во заштитената област и главните надлежни чинители, во вкупен износ од 1.602.382 евра.

Изработените документи се достапни на веб страницата на МЖСПП. Накусо, имајќи ја предвид итноста од делување, согласно Акцискиот план непходно е во најбрз рок да се преземат следните активности:

1. Уредување и чистење на крајбежниот појас на Езерото,

2. Ажурирање на Регистар на бунари и воспоставување на континуиран мониторинг на подземни води во Преспанскиот слив според законските прописи и досегашни искуства,

3. Оптимизација и континуирано воведување на контролирано црпење на вода за наводнување на целата територија на подрачјето на Преспа согласно законските прописи и искуства,

4. Порибување на Езерото со автохтони видови произведени во сливот на Преспанско Езеро со реставрација на дел од старите рибници во пределот на Езерани,

5. Под итно одржување на состанок на Комитетот за Преспа Парк каде ќе се разговара со албанската и грчката страна во врска со начинот на управување, следење, размена на податоци и преземање на заеднички мерки со цел подобрување на состојбата со езерото,

6.  Воспоставување на заеднички меѓудржавен мониторинг за следење на квалитативната и квантитативната состојба на водите во сливот и на самото езеро кај сите три соседни држави, 

7. Надградба и целосно функционирање на националната хидролошка, метеоролошка и мониторинг мрежа за следење на квалитет на водните тела во сливот и на самото Езеро.

Во наредниот период планирано е да започнат и редовни истражувачки активности на Езерото кои ќе бидат насочени кон: контроли на дното на езерата со батиметриски инструменти, хидро модул на Езерото, тектонски истраги, истраги за истек на Езерото и др.