22/11/2024
Македонија

Утврден е Предлогот на Закон за ратификацијата на Договорoт со ФРОНТЕКС; Одлука за исплата на декемвриските пензии од 27-ми декември

Владата на Република Северна Македонија ја одржа 112-та седница.

Владата го утврди Предлогот на Закон за ратификацијата на Договорoт помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.

Овој Договор, според образложението од МНР, отвара можност за воспоставување на заеднички операции на Европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија. 

Позитивно се оценува склучувањето на овој меѓународен договор којшто ќе придонесе да се воспостави правна рамка согласно новата Регулатива 2019/1896 за Европската гранична и крајбрежна стража, којашто ќе овозможи Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража да ги распоредува своите тимови на територијата на Република Северна Македонија, управување со границите, како и заедничко спречување на прекуграничниот криминал. 

Со влегувањето во сила на овој Договор, се овозможува, на барање на нашата држава, да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на Република Северна Македонија и исто така ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење како и можност да се користи целата опрема на ФРОНТЕКС. 

Најважен придонес со потпишувањето на овој Договор, според посоченото од МНР, е засилување на безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија, како рамноправен партнер со останатите земји-членки на ЕУ, преку споделување на одговорностите за заедничка безбедност на границата на земјите во Европа. 

Договорот треба да се ратификува за да биде дел од внатрешно правниот поредок на државата. По спроведувањето на постапката за ратификација, соодветно за ратификацијата ќе биде известена правната служба при ЕК.
 
Владата на денешната седница донесе одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година, со којашто се одобруваат средства во износ од 65.000.000 денари на Општина Дојран, за финансирање на Проектот „Реконструкција и надградба на колекторскиот систем и пречистителна станица во  Општина Дојран“. Со одлуката е предвидено, општината Дојран да ги користи средствата исклучиво за намената за којашто се доделени.
 
Владата донесе одлука и за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година во износ од 200.000.000 денари, на Општина Липково, за финансирање на водоснабдителните системи на Општина Липково.

Со одлуката е предвидено, општината Липково да ги користи средствата исклучиво за намената за којашто се доделени.
 
На седницата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика е усовена Информацијата за исплата на пензиите за месец декември 2022 година и е задолжен Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 26.12.2022 година.
 
Се препорачува на деловните банки, да обезбедат, пензионерите да може да располагаат со декемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 27.12.2022 година.
 
Се препорачува на деловните банки, преку филијалите и експозитурите на банките, да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи, според висината на пензијата и тоа:

 –          За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 27.12.2022 година (вторник);
–          За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 28.12.2022 година (среда);
–          За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 29.12.2022 година (четврток), и
–          За пензии со висина над 18.001 денари, исплатата да се изврши на 30.12.2022 година (петок).

Владата, на денешната седница донесе и одлука за воспоставување дипломатски односи помеѓу Република Северна Македонија и Јужноафриканската Република на ниво на амбасадори.