Учебната година започнува на 1 септември, во тек се подготвителни активности за успешен старт и квалитетна настава
Министерството за образование и наука информира дека учебната 2022-2023 година ќе започне на 1 септември и за оваа цел, веќе се усвоени и објавени Kалендарите за организација на работата на јавните средни училишта и на основните училишта во новата учебна година.
МОН во соработка со Бирото за развој на образованието и другите надлежни институции и партнери интензивно работат на обезбедувањето на сите неопходни услови за успешен почеток и тек на наставата. Во тек се повеќе инвестициски активности за изградба на нови и реконструкција на постојни училишни објекти, за изградба на спортски сали, набавка на опрема за дел од училиштата, поставување на 265 кабинети по природни науки во основните училишта и слично.
Особено важно е да се потенцира дека втора година по ред продолжува етапната имплементација на најкрупната образовна реформа во основното образование која треба значително да го унапреди квалитетот на наставата, а училиштето да стане поинтересно место за младите.
По воведувањето на нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на истите, по сите предмети во соодветните одделенија.
Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување, така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници. За останатите одделенија, набавката на учебници со откуп исто така е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец.
Министерството информира дека сите учебници за четврто и погорните одделенија, освен во печатен формат, ќе бидат достапни и во електронска верзија на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.