23/11/2024
Македонија

Филиповска–Грашкоска: Извршени се 3.959 инспекциски контроли, почитувањето на протоколите и заштита на јавното здравје се врвен приоритет

На денешната редовна прес-конференција, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска ги презентираше податоците од спроведените контроли извршени во периодот од 19 до 25 октомври од  страна на Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот трудов инспекторат, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства.

Во наведениот период, извршени се вкупно 3.959 контроли, од кои 1.436 се инспекциски надзори. Контролите се однесуваат на почитување/ непочитување на законите, владините уредби, одлуки, протоколи како и мерки за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот во државата.

Од страна на инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, во периодот од 19 – 25 октомври извршени се 2.523 контроли односно 613 надзори поврзани со почитување на здравствени протоколи, отворање и работа на угостителски објекти, Закон за трговија, Закон за заштита на потрошувачи, Закон за угостителска дејност и Закон за заштита од пушење. Како резултат на истите, поднесени се 19 прекршочни пријави и 8 кривични пријави за непочитување на ковид протоколите и материјалните закони. Дополнително, изречени се 66 решенија и 29 платени налози по материјални закони.

Од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, извршени се 90 надзори, при што се издадени 5 решенија за констатирани неправилности. На лица позитивни на КОВИД-19 и лица кои биле во контакт со заболени лица, од страна на здравствените инспектори издадени се 6.715 решенија за изолација и домашно лекување. Државниот инспекторат за труд, во истиот период, спроведе 400 надзори на правни субјекти во однос на почитување на Протоколот за заштита на здравјето на вработените. Донесени се 12 решенија кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи.  Во истиот временски период, од страна на Инспекторатот за транспорт, од вкупно извршени 48 надзори, изречени се 4 кривични пријави, 6 прекршочни пријави, донесени се 3 решенија и 2 прекршочно платни налози. Агенцијата за лекови и медицински средства, МАЛМЕД при извршени 33 надзори на територијата на целата држава нема констатирано прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите. Од страна на инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство извршени се 252 надзори и издадени се 5 решенија, 3 прекршочни платни налози и паралелно спроведени се 15 едукации. Констатираните недостатоци се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, нерегистрирани објекти и небезбедни производи.

На прес-конференцијата, на новинарско прашање поврзано со нови вработувања во инспекциските служби, директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски посочи дека врз основа на претходна анализа, Владата на Република Северна Македонија во текот на следната година ќе ги засили дефицитарните кадри во инспекциските служби.

Воедно, директорката на Инспекцискиот совет, Филиповска–Грашкоска информираше дека измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се воведуваат нови поголеми надлежности за инспекциските служби,  е веќе во собраниска процедура по скратена постапка, и истите ќе стапат  во сила, веднаш штом ќе бидат изгласани.