22/11/2024
Македонија

Филипче: Денеска имаме повеќе оздравени пациенти отколку активни случаи; Екстрахирана плазма на двајца пациенти

На денешната редовна прес-конференција, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче информираше дека денеска за првпат беше екстрахирана плазма на двајца пациенти, коишто се ковалесцентни, значи се во фаза во која се носители на антителата против вирусот. Во следните денови, додаде министерот за здравство и терапијата со озон во Градската општа болница (ГОБ) „8-ми Септември“ ќе биде аплицирана на пациенти, каде што експертите ќе ја индицираат.

„Денеска се регистрирани 111 оздравени пациенти, и тоа: во Скопје 13 пациенти, во Куманово 74, Штип еден, Прилеп 18 , Битола еден, Охрид еден, Крива Паланка еден и во Пробиштип и Демир Хисар по еден пациент. Со ова, денеска имаме повеќе оздравени пациенти отколку активни случаи, односно 738 оздравени пациенти и 650 активни случаи. Регистрирани се четири смртни случаи на Клиниката за инфективни болести, пациентка на 62 годишна возраст- оперирана од карцином пред 10-тина години, во Градската општа болница „8-ми Септември“, пациентка на 59 години, оперирана заради проблеми со стомакот, акутен абдомен, дијагностицирана позитивна на КОВИД – 19 вирусот во тешка состојба на респираторна машина“, потенцираше министерот Филипче, кој посочи дека во денешниот извештај се евидентирани и две починати лица од околината на Куманово и двете со претходни заболувања.

„Во однос на новите тестирања и новите дијагностицирани случаи, во изминативе 24 часа направени се 386 тестирања. Потврдени се 23 нови случаи, и тоа во Скопје пет пациенти, Куманово пет, Прилеп три, Тетово шест, Велес два и Неготино два пациенти. Лицата кои се регистрирани како случаи во Неготино се жители на Демир Капија и тоа често се случува. Не станува збор за превид, туку Институтот за јавно здравје работи на национално ниво и согласно тоа, Демир Капија спаѓа во подрачното ниво на Неготино, така се водат случаите. Вкупната бројка на дијагностицирани случаи, од почетокот на епидемијата кај нас сега изнесува 1.465, како што кажав оздравени 738, починати 77, во моментов активни 650. Со последните 386 тестирања, направени се вкупно 16.436 тестови“, истакна министерот Филипче.

Министерот Филипче подвлече, дека утрово било разговарано на Комисијата за заразни болести и констатацијата е дека се намалуваат и индикациите за тестирања како преку пунктовите, така и во приватните лаборатории, што оди во насока на стишување, намалување на епидемијата нешто што, како што рече министерот се очекуваше во овој период.

Според информациите на министерот Филипче, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има двајца нови пациенти, вкупно се хоспитализирани 49, на механичка вентилација двајца. Во болницата „8-ми Септември“ примени се пет нови пациенти, вкупно хоспитализирани се 24, на респираторна машина има четири пациенти. Во Битола се лекуваат четири пациенти, а се следат и пациенти на домашно лекување. Во Штип се хоспитализирани два пациенти, пет се на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид, Гостивар и Тетово вкупно хоспитализирани се 46 пациенти.

Филипче информираше и за состојбата на Клиниката за детски болести, каде имаше тројца вработени позитивни на КОВИД-19 вирусот, лаборант, медицинска сестра и докторка од Одделот за имунологија, сите без симптоми. Тој додаде дека по изминати 14 дена, првиот контролен брис кај лаборантот е негативен, другите тестирања ќе бидат готови во следните денови. Кај 23 лица, нивни контакти, после изолацијата од 14 дена се асимптоматски.

„Веќе се изготвени сите протоколи за функционирање на многу општествени сегменти, економски оператори, фабрики, јавен превоз итн. Во текот на следната недела тие ќе бидат официјализирани после финалните консултации, да се слушнат евентуални сугестии после што ќе ги презентираме јавно, исто како и временскиот период во којшто ги очекуваме овие, ќе ги наречам попуштања на рестрикциите. Сето тоа ќе биде постепено, планирано со цел да не се создадат гужви, ниту да се создадат услови за масовни собири“, истакна Филипче.

Во однос на активностите, случувањата околу Центарот за јавно здравје во Велес, Филипче рече дека денеска ќе биде назначен нов директор.

Во врска со брзо и точно информирање на граѓаните со официјални податоци поврзани со справувањето со коронавирусот, од вчера функционира уште еден канал каде се споделуваат официјални информации. Станува збор за апликацијата на „Viber“, преку која граѓаните на својот мобилен телефон добиваат информации од страна на Министерството за здравство и Владата.