22/11/2024
Македонија

Филипче: Заштитна опрема за лице може да биде маска за еднократна или повеќекратна употреба, марама, шал и слично, што може да ја прекрие устата и носот

Министерот за здравство доц. д-р. Венко Филипче, на редовната прес-конференција информираше дека се регистрирани 24 оздравени пациенти, кои се лекувале во домашни услови и со два негативни контролни теста истите се регистрирани во Дебар, Струмица, Куманово, Штип, Прилеп, Скопје, Кочани и во Тетово.

„За жал има и еден починат пациент на 70-годишна возраст од Лабуништа, кој се лекувал во болницата „8-ми Септември“, кој од првиот ден на прием е во тешка состојба на респираторна машина, а се лекувал од oсми април. Во изминатите 24 часа, направени се 207 тестови и регистрирани се седум нови потврдени случаи, по градови во Куманово – 2, Тетово – 3, Кочани – 2 пациенти. Со ова, вкупната бројка во земјата на потврдени КОВИД – позитивни пациенти од почетокот, изнесува 1.231, односно 952 активни случаи. Имаме направено една исправка на вкупната бројка, заради еден двојно евидентиран контролен тест и тоа е денеска коригирано со овие бројки“, потенцираше министерот Филипче.

Тој информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатите 24 часа примени се четири нови пациенти, во моментов вкупно хоспитализирани се 60 лица, четири се на механичка вентилација, притоа посочувајќи дека има сосема доволно слободни позиции, слободни респиратори на Клиниката.

Во ГОБ „8 – ми Септември“, продолжи министерот Филипче, примени се 11 нови пациенти, седум се со потешка клиничка слика, вкупно, а пет се на респираторна машина. Состојбата на останатите пациенти, коишто се лекуваат во другите болнички установи е стабилна.

За состојбата во Дебар, министерот Филипче рече дека, стигнати се тестовите на сите пациенти коишто очекуваа втор брис, сите се негативни и сега во Дебар има само двајца пациенти, значи тие 15 брисеви коишто се очекуваа, како втор негативен тест, сите се негативни.

„Во врска со активностите во Центарот за јавно здравје во Велес, таму е направена соодветна анкета и препишана е самоизолација. Направена е ротација на кадарот и сите одделенија функционираат нормално, вклучувајќи го и пунктот за земање на брисеви. Денес во Центарот престојуваат и епидемиолози од Центарот за јавно здравје во Скопје, после што ќе биде спроведен и одреден инспекциски надзор кој треба да покаже дали се почитувани протоколите на работа и дали има одредени неправилности во работењето“, објасни министерот Филипче.

Притоа тој појасни, дека во текот на викендот е завршен увидот во маркетот во Велес, којшто како прашање се поставуваше во текот на викендот. Петнаесет вработени, согласно наодот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат добиле решенија за самоизолација и како што подвлече Филипче, доколку оваа компанија може со останатиот број на вработени да ја организира работата, маркетот ќе работи, а постапката за дезинфекција и за чистење е завршена.

„На Клиниката за детски болести, ситуацијата е стабилна. Нема нови позитивни случаи меѓу персоналот, позитивни се лаборантот, медицинска сестра и докторка од Одделот за имунологија. Претпоставен контакт е мајка на дете, што требало да се прими за терапија на хемато-онкологија, според анкетата на епидемиолозите. По протоколот, мајката е тестирана и таа е асимптоматска. Направен е увид на целата клиника, направено е чистење, степенувани се според ризик и контактите, работата е организирана во тимови, така да целата Клиника функционира нормално. Суспектните пациенти согласно нашиот договор уште пред неколку месеци се упатуваат во болницата во Козле, но доколку треба да влезат на Клиниката има посебен еден дел и нормално соодветен пристап“, истакна министерот Филипче.

Тој рече дека завршен е увидот на Институтот за судска медицина, на лицата коишто беа најдени починати во нивниот дом, мајка и син од Велес. Според сите анализи, состојбата на телата, амбиенталните услови, сите информации коишто ги добиле докторите од Институтот за судска медицина констатирано е дека смртта настапила пред три до пет недели од моментот на пронаоѓање, што е практично во текот на март, а не во текот на јануари, како што иницијално тоа беше споменато. Согласно тоа, информираше министерот Филипче, не постои некој посебен интерес да се прават дополнителни истражувања, апропо актуелната состојба со КОВИД-19 вирусот, но, продолжува работата во однос на причината за смртта.

Според Филипче и во Истражниот затвор во Шутка завршени се сите анализи. Земени се околу 50 тестови и сите се негативни. Тој информираше дека и во специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13–ти Ноември“ во Ѓорче Петров исто така сите тестови се негативни, на тројца штитеници кои престојуваат таму и 13 вработени. Реорганизирана е работата и институцијата функционира нормално.

Министерот Филипче на денешната прес-конференција истакна и дека лабораторијата во МАНУ почнува со работа од денеска, со капацитет од 100 тестови. Таа ќе биде наменета за сите анализи кои со соодветен транспорт во текот на утрото до 14:00 часот ќе стигнат од сите болници во државата, каде што се примаат на тријажа пациенти и ќе започне процесот на изработка, прво на изолација на вирусот, а потоа идентификација, и до 22:00 часот ќе бидат познати сите резултати кои ќе стигнат во тој ден. Со активирање на оваа лабораторија, времето на чекање ќе биде не повеќе од еден ден.

„Согласно најновите анализи и проекции, нашата земја, успешно го амортизира спречувањето на ширењето на епидемијата. Имаме линеарен пораст на бројот на пациенти. Здравствениот систем успешно се справува со третман на заболените, болничките капацитети воопшто не се оптоварени. Оваа наша првична стратегија очигледно добро функционира и дава резултат во досегашното менаџирање. Сите мерки и препораки ги носевме исклучиво врз основа на препораката на стручните лица, членови на Комисијата за заразни болести и никако поинаку. Ова се покажа како единствен исправен пристап, односно науката и медицинската логика ги користевме како аргументација, зошто се носат сите мерки кои беа донесени. Сите одлуки, кои на препорака на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги донесе Владата, сите ограничувања, рестриктивни мерки, дадоа добри резултати. И сакам да изразам навистина голема благодарност до граѓаните кои ги почитуваа овие мерки. Ја сфатија важноста на истите, дека само на овој начин може и еве очигледно се постигнуваат резултати. Препораките на стручните лица и Комисијата се дека мерките мораат да останат на сила се додека не сме целосно сигурни дека состојбата е под контрола и дека сме го поминале пикот на болеста“, потенцираше министерот Филипче.

Според Филипче, најновите анализи и проекции укажуваат дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, но на сметка на подигнување на мерките на лична заштита. Согласно овие анализи, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести доставиле во Владата, Предлог-измени во мерките за ограничување на движењето и воведување на нови мерки за лична заштита на населението. Оваа комбинација на мерки ќе дозволи порастеретено луѓето да се движат, истовремено зголемувајќи ја таа потреба за лична заштитна опрема на секој граѓанин, додека се движи.

Согласно ова, министерот Филипче информираше дека предлогот е да се направат следните измени:

„Полицискиот час да започнува секој работен ден во 19:00 часот, наместо во 16:00 часот, како што тоа беше досега. Со ова, ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат своите обврски, да набават намирници од продавниците и маркетите.
 

– За возрасните граѓани да продолжи времето на движење, од 08:00 до 12 часот, наместо од 10:00 до 12:00 часот.
– Продолжување на периодот во којшто се движат и младите до 18 години, во периодот од 13:00 до 16:00 часот.
– Полицискиот час за време на викендот да остане со скратено време и сега да почне во сабота во 13:00 часот и да заврши во понеделник во 05:00 часот наутро.
 

Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите. Паралелно со ова релаксирање на мерките воведуваме нови задолжителни мерки на лична заштита и како што веќе најавивме, граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метра. Заштитна опрема треба да се носи при движење во сите јавни места од затворен тип, како маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи. Сите затворени објекти во коишто има повеќе лица“, информираше министерот Филипче, на денешната редовна прес-конференција.

Во однос на отворените површини, според него, заштитна опрема мора да се носи на места каде што нема простор за дистанца од два метри.

Исклучок за носење на заштитна опрема на отворено се прави само ако лицето носи заштитна опрема за работа, која е пропишана со работното место како во погони, фабрики, производство, ако лицето престојува во двор на станбена семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено, но ја држи потребната дистанца од два метри и не го прави тоа во група согласно постоечките рестрикции, при возење на патничко моторно возило со лица со коишто лицето живее во заедница или домаќинство или при движење на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од другото лице коешто е во непосредна близина.

„Исклучително е важно граѓаните да разберат дека мора да се почитува физичката дистанца од два метра, е задолжителна и на отворено. Во ситуација да има поголема бројка на луѓе од кои не можеме да се оддалечиме, тогаш да се користи таа заштитна опрема. Компаниите во сите свои објекти, управни згради, подружници, експозитури ќе бидат задолжени да обезбедат носење заштитна опрема на лице за сите свои вработени, но и да забранат влез за посетители доколку истите немаат заштитна опрема за лице“, образложи Филипче.

Тој додаде дека, во однос на заштитната опрема и што претставува таа, важно е да се знае дека се подразбира било каква форма која ќе го покрива делот на носот и устата, како маска за еднократна или повеќекратна употреба или марама, шал и слично што може да ја прекрие устата и носот.