Филипче: Комисијата предложи до Владата полициски час за викендот да почне од сабота во 19 часот и да трае до вторник 5 часот наутро
Министерот за здравство, Венко Филипче на одговор на новинарско прашање истакна дека утринава, на состанокот со Комисијата за заразни болести било предложено од Комисијата до главниот кризен штаб, до Владата во текот на викендот да има целосно ограничување на движењето – полициски час од сабота во 19 часот до вторник во 5 часот наутро.
„Што е суштината и зошто тоа се предложи – сите овие случаи коишто ги имаме во изминатите неколку денови во огромен процент се должат на настани, семејни собири коишто се случуваа изминатите денови. Токму заради тоа непочитување на мерките ние имаме нови случаи. Во таа смисла само вака една ригорозна мерка сметаме дека ќе има вистински ефект. Сите други ослободувања од рестрикциите коишто беа најавени за крајот на оваа недела ги оставаме за почетокот на следната недела – значи после викендот. Тука влегува и функционирањето на угостителските објекти, евентуално скратување на полицискиот час, но за сето тоа ќе одлучува Владата, прво во текот на овие денови за викендот, а понатаму за сите мерки од вторник па натаму“, рече министерот Филипче.