22/11/2024
Македонија

Филипче: Сите вработени во Клиниката за дерматовенерологија во 14-дневна домашна изолација, ќе се преземат мерки за директорката

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати апел информациите да се црпат исклучиво од Министерството за здравство, поради тоа што лажни информации креираат паника и не треба да се користи оваа ситуација за добивање дневнополитички поени.

„После сместувањето на пациентката, докторката на Клиниката за инфективни болести, уште двајца членови на нејзиното семејство се во домашна изолација. Интервјуирани се сите вработени, како и пациентите на Клиниката за дерматовенерологија и со решение од ДСЗИ сите ќе бидат во 14-дневна домашна изолација. Тоа се 64 вработени, како и 11 пациенти кои што биле хоспитализирани и кај кои лекувањето може да се продолжи во домашни услови и 13 пациенти кои што се лекувале во изминатата недела во дневната болница, што значи дека доаѓале за да примат терапија. Иако сите се со различен степен на ризик од мал/среден/висок, согласно интензитетот на контактирање со заболената докторка, сметаме дека треба да се преземе оваа мерка за апсолутно сите кои биле и во најкраток контакт со неа“, потенцираше министерот Филипче.

Во текот на викендот се одржала и конференција на дерматовенеролози, на која присуствувале вкупно 103 лица, дел од нив вработени на клиниката. Сите тие се исконтактирани телефонски, а кај дел од нив е спроведено и интервју од епидемиолозите. Кај нив исто така дадена е мерка домашна изолација. Помеѓу нашите гости имало и тројца од Грција, за што министерот Филипче лично го известил грчкиот министер за здравство за нивниот идентитет. Салата каде што се одржувала конференцијата е целосно дезинфицирана, согласно прописите, а истото е случај и со клиниката од страна на соодветната служба.

„Сакам да кажам дека и покрај тоа што антиципиравме ризици, уште многу пред време и уште многу пред нашите соседни земји ги спроведовме сите мерки на претпазливост, како на аеродромите, така и на граничните премини, ова со што се соочивме денеска е нешто што навистина многу не разочара. Ќе се преземат мерки за директорката, сега е предизборен период, не може формално-правно да се вршат разрешувања и именувања, но во првата можност таа ќе биде разрешена од функцијата, но во овој момент тоа е ирелевантно со оглед на тоа што целата клиника ќе биде затворена 14 дена. Потенцирам дека одговорност ќе има за секој којшто нема да се придржува до пропишаните мерки. Во таа смисла, повторно апелирам до сите на кои им е пропишана мерката домашна самоизолација доколку патувале во ризичните региони да внимаваат и да се придржуваат на сите мерки што ние како Министерство за здравство по неколку пати на ден ги повторуваме дека загрозувањето на јавното здравје е многу сериозен прекршок и никој нема да биде поштеден од одговорноста. Сакам да повикам на разумност, максимално почитување на апсолутно сите препораки“, истакна министерот Филипче.

Во овој момент се испитуваат уште 8 пациенти на Клиниката за инфективни болести. Еден пациент што на 26-ти минатиот месец престојувал во Бугарија, кој развил симптоми слични на грип, и неговата сопруга која во овој момент се тестира. Понатаму, 1 патник од Сингапур, наш државјанин кој пред 3 дена се вратил во нашата земја, 3 лица кои биле во контакт со пациентите хоспитализирани од Дебар и 1 пациент од Гевгелија за кој е испратен материјал и за кој се очекуваат епидемиолошките податоци од локалниот епидемиолог. Веднаш штом ќе стигнат резултатите, тие ќе се пуштат во една фаза на тестирање и јавноста веднаш ќе биде информирана.