22/11/2024
Македонија

Фокус на капиталните инвестиции, се воведува функционален механизам за реализација на 23 милијарди денари предвидени со предлог – Буџет за 2021

Владата на Република Северна Македонија, согласно приоритетите во предлог Буџетот 2021 година, се фокусира на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, гасификација како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот, социјалниот систем, правосудството, земјоделството како и заштитата на животната средина.

Капиталните инвестиции се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20% повисоко во однос на планот за 2020 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми.

За успешна и поголема реализација на капиталните инвестиции, во предлог – Буџетот за 2021 година предвиден е функционален механизам за подобрување на реализацијата, што подразбира насочување на средствата кон проектите со поголема реализација. 

За таа цел средствата ќе бидат распределени на буџетските корисници во текот на буџетската година, на квартално ниво – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Механизмот е познат како КАПЕФ со прецизни таргети на реализација од 15%, 40%, 65% и 100% соодветно во првиот, вториот, третиот и четвртиот квартал од годината. 

Доколку во нареден квартал оние буџетски корисници на кои им биле одземени средствата направат подобра реализација, тие ќе им бидат вратени.

Кон подобра реализација треба да придонесе и Националниот инвестициски комитет кој ќе се координира на ниво на Влада за да се зајакнат инвестициите во инфраструктурата.

Зајакнување на инвестициите во инфраструктурата опфаќа модернизирање на патна и железничка инфраструктура и тоа завршна реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10; делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка од Коридор 8; изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници; реализација ма патна инфраструктура како Автопатот Скопје-Блаце, делницата на автопатот Кичево-Гостивар, завршување на автопатот Кичево-Охрид; гасовод Скопје-Тетово, Гостивар-Кичево, интерконекторите со Грција, Србија и Косово; реализација на Проектот за локални патишта – подобрување на патна инфраструктура во општините; проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан; изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“; проект „Воведување на брз автобуски систем во Град Скопје“; изградба на патната делница Градско –Дреново. 

Инвестициите во енергетска и комунална  инфраструктура и управување со отпад опфаќаат интензивирање на изградбата на водоводните и канализационите системи во општините и имплементација на Проектот а енергетска ефикасност во јавниот сектор, со која се опфатени општини и јавни здравствени установи; пречистителна станица за отпадни води во Скопје; надградба на колекторскиот систем во Скопје, Кичево, Битола и Тетово изградба на пречистителни станици и систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион. 

Дополнително вложувања се предвидени и за уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на инфраструктура за подобри услови за работа и објекти како и геомеханички истражни работи.