Формирана е Советодавна комисија за интервенции во снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати;
Владата на Република Северна Македонија на денешната 23-та редовна седница донесе Одлука за формирање на Советодавна комисија за спроведување на План за интервенции во случај на вонредно пореметување на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и/или нафтени деривати.
Советодавната комисија за задачи има да иницира предлог за донесување на одлука за настанато вонредно пореметување во снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати и прогласување на нафтена кризна состојба; да предлага мерки и одлуки за нормализација на снабдувањето на пазарот со сурова нафта и нафтени деривати; да предлага дополнителни мерки за нормализација на снабдувањето на пазарот, како и други работи согласно закон и Деловникот за работа кој треба да го усвои на првиот конститутивен состанок.
На денешната седница Владата донесе одлука за исплата на штетите од елементарни непогоди што ги претрпеа земјоделците во 2016, 2017 и 2018 година. Висината на обештетувањето ќе биде 10 отсто од вкупно проценетата вредност. Со одлуката се опфатени 35 елаборати поднесени од 29 општини, ќе бидат обештетени над 9.100 граѓани и правни субјекти.
Владата дополнително донесе одлука и за исплата на обештетување за штети од елементарни непогоди врз земјоделските посеви во 2021 година во општините Росоман, Демир Капија, Ранковце, Карбинци и Богданци. Вкупниот процент за обештетување за сите 5 општини е 10% од проценетата штета. Со одлуката ќе бидат исплатени 1.072 физички лица и правни субјекти.
За оваа намена, вкупно за сите општини каде што имало временски и елементарни непогоди од Буџетот ќе се исплатат околу 4,5 милиони евра.
Владата денеска ја донесе и Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година вредна 1,3 милијарди денари.
Оваа програма има за цел да бидат остварени политиките на рурален развој, кои се насочени кон: поддршка на инвестиции во земјоделскиот сектор, во водостопанството и јавната инфраструктура и подобрување на животот во руралните средини; обезбедување на стабилно производство на квалитетна храна; зголемување на конкурентната способност на земјоделството; обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство; промовирање на нови начини на организирање на локално ниво, преку основање на јавни приватни партнерства (ЛАГ); поддршка на економско здружување на земјоделски производители во форма на земјоделски задруги; зачувување на генетската разновидност на автохтони земјоделски растенија и автохтони раси на добиток; помош за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за земјоделска дејност и за одржлив развој на руралните подрачја.
На денешната седница на Владата прифатени се предлозите на Главниот координативен кризен штаб за справување со последиците од КОВИД-19 кои дојдоа како препораки на Комисијата за заразни болести (КЗБ).
Согласно овие предлози Владата донесе одлука да се укине мерката за задолжително поседување КОВИД-19 сертификат за влез во трговски центри/молови, за кои останува како задолжително носењето заштитни маски, додека обврска за задолжително поседување на КОВИД-19 сертификат останува за влез во угостителските објекти каде што се служи храна/пијалак, кои се во состав на трговски центри/молови.
Владата денеска го прифати и предлогот траењето на сертификатот за прележана болест од КОВИД-19, наместо досегашните 45 дена, да трае 180 дена, односно 6 месеци, сметано од датумот на позитивен ПЦР тест.
Врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести Владата донесе одлука за укинување на одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место. Со оваа одлука е прифатена и препораката бремените жени да се вакцинираат.
Во врска со оваа точка, Владата донесе одлука да се укине барањето за задолжителен КОВИД-19 сертификат за излез од територијата на Република Северна Македонија.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи, во координација со Министерството за финансии, а во соработка и со Националното биро за осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Здружението на осигурителните компании, во рок од два дена до Владата на Република Северна Македонија да достави соодветен предлог во насока на изнаоѓање на начин украинските патнички моторни возила кои не поседуваат зелен картон да можат да влезат во Република Северна Македонија и да бидат соодветно вклучени во сообраќајот, без притоа да се бара надоместокот да го покријат самите.