Царовска во Белград: Обезбедуваме поголема искористеност на европските фондови, заеднички ја унапредуваме социјалната заштита во Западен Балкан
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, со колегите министри од Западен Балкан, потпишаа Декларација за унапредување на социјалната политика во регионот. Декларацијата беше потпишана вчера на конференцијата „Иницијатива за социјална димензија на ЕУ интеграциите“ што се одржа во Белград. Со овој документ земјите потписнички се обврзаа заеднички да дејствуваат во спроведувањето на реформите од социјалната заштита.
„Со приклучувањето кон Регионалната Декларација за унапредување социјалната политика во Западен Балкан добиваме поголема искористеност на европските средства за социјални инвестиции. Македонија докажа дека врвен приторитет на патот кон ЕУ и е благосостојбата на сите граѓани – никој нема да биде изоставен на тој пат. Претставниците од другите земји ги посочија реформите кои ги спроведуваме како добра практика за сеопфатен и инклузивен процес, кој треба да го следат и другите земји. Со оваа иницијатива уште еднаш ги потврдуваме заедничките заложби за борба против дискриминација, промовирање социјална правда и солидарност, заштита на детските права и унапредување на родовата еднаквост“, изјави министерката Царовска.
На Конференцијата присуствуваа европратениците Кнут Флекенштајн и Тања Фајон, како и претставници од невладиниот сектор од целиот регион.