08/09/2024
Македонија

Царовска за Канал 5: Имаме училишта и општини каде наставниот кадар е вакциниран над 90%

Досега се вакцинирани 69 % од вкупниот број на вработени во училиштата. Ова се последните податоци со кои располагаме, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска која вечерва гостуваше во Жешко политичко лето на Канал 5 телевизија, на тема започнување на новата учебна година.

„Овие податоци укажуваат дека наставниот кадар е за два пати повеќе вакциниран од националниот просек. Исто така, имаме општини и училишта каде процентот на вакцинација на наставниците и другиот технички кадар е над 90 %. Сето ова е доказ за свесност кај вработените во училиштата е на многу високо ниво и така треба да се продолжи“, рече Царовска.

Министерката во гостувањето истакна дека МОН сериозно уште од јуни е подготвено со три сценарија за започнување на учебната година. Одлуката која што е донесена од владата е да се започне со физичко присуство за сите ученици под здравствени протоколи од 1 септември годинава.