21/11/2024
Македонија

Царовска: Наставниците се мотивирани да работат по новата Концепција и тоа е гаранција за остварување на целта на промените – поквалитетен образовен систем

Родителите и старателите не треба да имаат сомнеж дали со промените кои стартуваат од оваа учебна година ќе се постигне подобар ефект по однос на знаењето на учениците. Во тоа треба да сме сигурни, затоа што, овие промени не се избрзани и не се направени во мојот кабинет или во Владата. Овие промени се направени согласно препораките на УНИЦЕФ, ОЕЦД и Светска банка, а во консултација со сите засегнати чинители, со експертската јавност и најважно со наставниците кои се наши најголеми сојузници во процесот на трансформација на образовниот систем. Тие се мотивирани да работат по новата Концепција и наставата веќе станува поинтересна. 

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Карпош, каде заедно со градоначалникот на општината Стефан Богоев направија увид во условите и текот на наставата. 

„Наставниците се најважниот фактор за целта на промените да биде постигната. И затоа нив ги вклучивме директно во креирањето на тие промени, организиравме обуки, обезбедивме дидактика и нагледни средства, а воедно и ги подобривме условите за работа во многу училишта каде требаше да се интервенира. Така што, верувам во успех бидејќи тие се сојузници на институциите на системот на патот кон создавање на современ образовен систем кој ќе можеме да го споредуваме со системите во поразвиените земји и ќе се гордееме со резултатите кои ги постигнуваат нашите ученици“, рече Царовска. 

Министерката додаде дека и друг исклучително важен услов за реформата да успее е наставата да се одржи во училиштата колку што е можно подолго, бидејќи како што рече сите останати облици на настава овозможуваат формално реализирање на учебната година, но не можат да го понудат тоа што го има наставата во училница и ниедна друга комуникација не може да ја достигне вредноста на непосредната комуникација наставник – ученик. 

„Затоа постојано апелираме на одговорно однесување и доследно почитување на здравствените протоколи, кои предвидуваат задолжително да се носат маски на затворено, дезинфекција на рацете, мерење на телесна температура при влез во училиштето и често проветрување и одржување на хигиената во училишните простории. Состојбата во училиштата за сега е стабилна и дневно се следи на надлежните здравствени институции, доколку постои аларм дека треба да се оди кон промена на моделот, образовниот систем ни е подготвен тоа веднаш да се направи, односно да се премине на онлајн настава, за ова што одлучува Комисијата за заштита од заразни болести“, рече Царовска. 

Информираше дека според податоците што МОН ги добива на дневна основа од училиштата, бројот на новозаразени ученици се движи од 0,01 до 0,02 % од вкупно 240 илјади ученици, но и дека бројката е динамична и постојано се менува бидејќи едни оздравуваат од вирусот и се враќаат на училиште, додека други што добиваат позитивни тестови одат во изолација.

Царовска изрази задоволство од работата на училиштето кое денес го посети, основното „Димо Хаџи Димов“ во Влае и нагласи дека со многу одговорен пристап на локалната самоуправа, општинското раководство и училишните директори, сите основни училишта во општина Карпош добро подготвени ја започнаа новата учебна со настава во училницата, каде како што рече, е местото на учениците.