23/11/2024
Македонија

Царовска по повод Денот за борба против сиромаштијата: Со воведување на гарантиран минимален приход, но и со вработување на најранливите се бориме против сиромаштија

Вработувањето може да ги извади лицата од сиромаштијата и да им овозможи достоинствен живот и целосно да ги вклучи во општеството. Затоа, ја подготвивме социјалната реформа со која најранливите лица освен што ќе добиваат поголем надоместок ќе се активираат и на пазарот на трудот. Ова го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска на јавната дискусија по повод Светскиот ден за борба против сиромаштија – 17 октомври, организирана од Платформата против сиромаштија и Министерството за труд и социјална политика. Темата на дискусијата беше „Граѓаните проверуваат дали новите закони се отпорни на сиромаштија“.

Во своето обраќање министерката Царовска рече дека годинешното мото на денот е: „Заедно со оние кои се најоддалечени, за да изградиме инклузивен свет на универзално почитување за човековите права и достоинство“, и во овој контекст Македонија веќе активно работи на репрограмирање и на редизајнирање на системот за социјална заштита.

„Една од главните реформи е воведувањето на програмата за гарантиран минимален приход, што ќе гарантира финансиска поддршка за сите лица што живеат под линијата на сиромаштија. Со реформата овие лица ќе имаат доволен приход за да живеат на еден подостоинствен начин и да учествуваат целосно во општеството, но и ќе се работи на нивно оспособување за трајно вработување. Се бориме и против детската сиромаштија, бидејќи секое дете ни е важно. Воведуваме детски и образовен додаток, а право на овие надоместоци освен корисниците на гарантираниот минимален приход ќе имаат и домаќинствата со минимални приходи“, рече министерката Царовска.

Царовска потенцираше дека годинава се навршуваат 70 години од усвојувањето на Универзалната Декларација за човековите права и Македонија прави суштинска социјална реформа со која ќе се подобрат условите за живот, но и правата на најранливите лица.