26/11/2024
Македонија

Царовска: Со Болоњскиот процес го прилагодуваме високото образование на потребите на студентите и на општеството

Министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска учествуваше на онлајн конференција на министрите надлежни за високото образование на земјите членки на Болоњскиот  процес. Домаќин на конференцијата којашто за првпат се одржува онлајн, е Рим и на истата учествуваат министрите од 48-те земји членки.

Министерката Царовска којашто заедно со останатите министри, го одобри Римското Коминике за понатамошниот развој на високото образование, кое е и основа за креирањето на домашните високообразовни политики, во обраќањето го истакна значењето на иновативноста во високо образование. 

„Во изминатите дваесет години постигнувањата од Болоњскиот процес го изменија високо образование кое е насочено на потребите на студентите и за развојот на општеството. Со воведувањето на нови и подобро усогласени методи и практики за учење внесуваме сосема нова димензија во образовните процеси и ги прилагодуваме на современите трендови. Сето ова е тесно поврзано со истражувањата и со местото на општествените, хуманистичките и креативните науки кои треба да продолжат да ја играат виталната улога, давајќи им длабочина на нашите животи и овозможувајќи да го разбираме и да дејствуваме во светот кој што постојано се менува“, рече Царовска.

Болоњскиот секретаријат и изрази благодарност на нашата земја која во изминатите две години учествуваше во Одборот кој раководи со Болоњскиот процес и за конференцијата одржана во Скопје во февруари 2019 година.

На Римската Конференција, министрите го примија Сан Марино како нова членка на Болоњскиот процес.