Царовска со порака до матурантите: Успешно положете матура и продолжете да се надградувате и да поставувате повисоки цели
Денес започнување полагањето на државната матура за учебната 2020/2021 година. А тоа е процес кој значи формализација на средното образование и стекнување на услов за упис на високообразовните установи во земјата, но и надвор од неа. Од страна на надлежните институции на системот, координирани од Министерството за образование и наука обезбедени се сите предуслови за средношколците од завршната четврта година да го остварат ова свое право, без притоа да биде загрозено нивното лично, но и јавното здравје, имајќи предвид дека годинава, пандемијата наметна потреба од дополнителни напори и активности за организација на процесот.
Упатувам порака до сите, над 15 илјади ученици кои се пријавени да полагаат државна матура.
Посакувам успешно да го заокружите овој процес и секако, да го продолжите патот на едукативна наобразба. Образованието е процес, а не чин. Процес кој никогаш не завршува, затоа што човек доколку сака да биде успешен мора постојано да се надградува.
Знам дека, не само што нема да отстапите од зацртаните цели, кои се остваруваат исклучиво со стекнување и примена на знаење, туку постојано ќе целите и кон повисоки работи во животот и ќе станете гордост на државата која и во иднина ќе продолжи да се грижи за Вас и да создава можности за целосно остварување на Вашиот личен потенцијал.
Среќно на сите!
Информирам дека за матурантите кои се пријавени да полагаат, но во моментов се спречени поради изолација, предвидени се дополнителни термини на 25 и 28 јуни.
Министерка за образование и наука
Мила Царовска