Царовска, Шкријељ и Каевски на инфо сесија со студенти на економски факултет
Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заедно со дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и деканот на Економскиот факултет во Скопје Предраг Трпески пред студентите ги презентираа владините мерки кои се однесуваат за млади лица. Зголемувањето на можностите за вработување на младите е начин како да ве поттикнеме да останете овде и сите вештини кои сте ги стекнале во средното, во високото образование да ги вложите во развојот на оваа држава, им се обрати на студентите вицепремиерката Царовска.
„Дебатите со студентите ни помагаат да го смениме нашето општество, да ги подобриме условите за живот и заеднички да искреираме една приказна на заедничко градење на општеството. Владата донесе низа на мерки се со цел да им дадеме повеќе можности на младите лица да се себереализираат во нашето општество, а тоа е младинската гаранција како прва мерка којашто ја воспоставивме преку Агенцијата за вработување. Со младинската гаранција само минатата година упативме 20.000 млади лица од кои 6000 се вработија. Секако преку младинската гаранција се нудеше и практиканството, како можност во период од 6 месеци младите лица директно на работното место да стекнат вештини, да ја запознаат културата на одредена работна организација,а понатаму, да останат во истата или да се вработат на слободниот пазар на труд, секако повработливи колку што биле претходно“, рече Царовска.
Деканот Трпески информираше дека Економскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ има склучено 1.200 договори со компании за реализирање на практична настава и над 20 договори за меѓународна размена на студенти. Според Трпески, инфо сесиите за можностите коишто ги нудат Владата, Агенцијата за млади и спорт и Министерството за труд и социјална политика им даваат на студентите поцелосна слика за можностите кои се нудат во државата.
Во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување фокусот е ставен на младите и жените. Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Шкријељ објасни дека во секоја од мерките задолжително е минимум учество на 50 проценти млади.
„Би ги спомнала мерките за поддршка на развој на сопствени бизниси за самовработување кадешто младите лица можат да добијат неповратни средства од 5.000 евра или 10.000 евра доколку се здружат двајца основачи. Досегашната имплементација покажува одлични резултати, од сите бизниси кои се формирани изминатите 2 години над 90 отсто се се уште активни, што навистина покажува дека мерката е добро таргетирана и дава резултати. Фактот што повеќе од половина од корисниците на овие мерки се жени охрабрува затоа што жените во нашето општество се помалку вработени“, укажа Шкријељ, додавајќи дека заедно со бизнис заедницата се креирани обуките за напредни ИТ вештини, коишто на младите лица кои ќе ги завршат им нудат можност за вработување веднаш.
За програмите и мерките за вработување во Оперативниот план оваа година се издвоени рекордни 1,45 милијарди денари. Дека навистина мерките даваат резултат покажува зголемувањето на стапката на вработеност на младите. За разлика од 2016 година кога стапката на невработеност на младите изнесувала 48 проценти последните податоци покажуваат дека таа е спуштена на 35 отсто.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски пред студентите ја презентираше европската младинска картичка за која може да аплицираат сите од 15 до 29 години, а на младите им овозможува бројни бенефиции.
„Сигурен сум дека студентите имаат идеи коишто во идинина ќе можеме и како Агенција и како Влада да ги спроведеме, се со цел да направиме подобар младински стандард во нашата држава и секако да ги потикнеме, да ги стимулираме да размислуваат да останат во нашата држава и секако тука да основаат нивната иднина“, рече Каевски.