23/11/2024
Македонија

Царовска: 100 дена со граѓаните, со учениците, наставниците и родителите, одговорно и посветено создаваме образование за сите

100 дена со граѓаните, со учениците, наставниците и родителите. 100 дена одговорност, грижа и посветеност во создавањето на образование за сите, веруваме дека постигнавме оптимални резултати и успеавме да креираме квалитетни, заеднички, обмислени и адекватни решенија, во услови на пандемија, која драстично го промени начинот на кој живееме, учиме и работиме, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска на прес конференцијата по повод 100 дена Влада.

„Постигнавме резултати во 5 области, пристап до навремено, достапно и квалитетно образование за секое дете во услови на пандемија, реформи во образованието, инвестиции во науката, капитални инвестиции и политики за стипендирање. Најважно е што дури и во време на пандемија имаме континуитет во образованието, односно со комбинираниот модел на настава – онлајн со физичко присуство и со емитување 15 минутни часови на македонски и албански јазик на Националната телевизија, обезбедивме стабилност во образовниот процес и успешно заврши оценувањето за првото тромесечје како и заокружувањето на првото полугодие од оваа учебна година“, рече Царовска.

Министерката се заблагодари на посветеноста на учениците, наставниците и родителите за заедничките напори да се одвива безбедна настава во училиштата но и успешна настава на далечина.

„Имаме помалку од 1 % заразени ученици и наставници, Истовремено учениците и наставниците се постојано дел од наставата, односно над 90% од учениците успешно следат онлајн настава“, истакна Царовска. 

Освен воведувањето на онлајн учењето, веќе се дигитализирани и услугите за аплицирање за стипендии и за нострификација на дипломите и свидетелствата, со што освен што го штитиме здравјето на студентите и учениците на долг рок го олеснуваме пристапот до услугие, но и ја намалуваме корупцијата.

Во поглед на реформите во образованието, министерката рече дека веќе течат и реформите на основното и средното образование.

„Градиме инклузивно образование, достапно за секое дете, кое вистински ги подготвува младите за иднината. За таа цел за првпат со 54 милиони денари од Буџетот ги поддржуваме образовните асистенти“, додаде Царовска, напоменувајќи дека Концепцијата за основно образование е во завршна фаза на изработка и дека наскоро истата ќе биде презентирана пред јавноста.

Попрецизно, рече Царовска, со новата концепција создаваме школо што нé учи да учиме, со што ќе го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и ги поттикнуваме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта ни е, додаде таа, да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети.

„Како дел од реформските процеси во образованието во тек е подготовка на 3 регионални центри за средно стручно образование, во Охрид, Куманово и Тетово. Заложбата е вакви центри да се отворат во сите региони. Овие центри се преземени од локално на државно ниво и со нив преку стручно образование создаваме кадри барани на пазар на трудот“, рече Царовска.

Науката, истражувачката дејност и иновациите се движечката сила на општеството, но и огромен неискористен потенцијал за соработка на високообразовните институции со компаниите.

„За таа цел, за прв пат инвестираме во науката, истражувањето и иновациите со иновациски ваучери за научни проекти на високообразовните институции. Преку ФИТР доделени се вкупно 34 иновациски ваучери во вкупен износ од 15 милиони денари.  Се работи и на целосна промена на начинот на финансирање на научно истражувачката дејност преку воведување програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото финасирање“, додаде Царовска.

За квалитетно образование, истакна министерката, освен нови концепции и дигитализација, потребни ни се и подобри услови во самите училишта и затоа инвестираме и градиме по план.

„За прв пат Министерството за образование објави повик за финансирање на реконструкција на училишни објекти. Еден од условите за финансиски да поддржиме капитални проекти е тие да се пристапни, или да стануваат пристапни. Ваквата политика ќе ја практикуваме и за сите идни повици, со што училиштата ги правиме инклузивни“, потенцираше Царовска.

Врз основа на податоците добиени од Анализата за стипендирањето на студентите и учениците изработена со Центарот за управување со промени и со поддршка на Британска амбасада направени се краткорочни итни промени за доделувањето стипендии. Врз основа на оваа анализа во тек се долгорочни промени за начинот, условите и видовите на стипендирање.

„Конкурсите за стипендии оваа година обезбедуваат поддршка за околу 2.150 ученици и 3.130 студенти. Воведени се ученички стипендии за средно стручно образование за избрани дефицитарни струки. Зголемен е бројот на стипендии за ученици Роми, од 880 за дополнителни 39 ученици чии апликации согласно рангирањето добија идентичен број на бодови во две од вкупно пет понудени категории, исто така се стекнаа со правото на стипендија. Го зголемивме и бројот на доделени стипендии за ученици од социјално ранливи семејства. Место првично планираните 400 доделивме вкупно 544 стипендии. Исто така доделени се 106 стипендии за ученици со попреченост. Односно, со право на стипендија се стекнаа сите ученици кои имаат ист бодови. Воведени се нов вид на студентски стипендии (македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности)“, информираше Царовска.

За нас, рече министерката, образованието останува врвен приоритет и целосно и искрено сме посветени на обезбедување квалитетно образование