Честитка од претседателот Пендаровски до верниците кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.
Почитувани,
Дозволете ми да Ви го честитам најголемиот христијански празник ‒ Велигден.
Од сѐ срце Ви посакувам празникот на Христовото Воскреснување да го дочекате во добро здравје, исполнети со мир, хармонија, радост и со среќа. Токму во овие празнични денови, инспирирани од Христовата победа над смртта, да ги обновиме и верата и надежта и вдахновени да правиме добри дела и да даруваме безусловна љубов.
За жал и овој Велигден го дочекуваме соочувајќи се со бројни економски закани, сѐ уште незакрепнати од пандемијата на КОВИД-19, а веќе на нашиот континент имаме жесток воен судир во којшто страдаат најранливите. И во XXI век човештвото е загрозено од нетрпеливоста и од омразата и не наоѓа начин за мирно разрешување на конфликтите и на недоразбирањето.
Се надевам дека светлината на Велигден ќе ни биде поттик и инспирација да истраеме и да не ги изгубиме хуманоста и добродетелството во борбата за егзистенција. Да подадеме рака на сите коишто се во неволја и на коишто им е потребна помош, следејќи го примерот на Исус и поучувајќи се од неговите зборови.
Нека е за многу години големиот празник!