Четврта координативна седница на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам
Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам одржа Координативна седница на којашто присуствуваа Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, заменикот Национален координатор, членовите и замениците членови на Националниот комитет, локални експерти од министерствата и институциите, како и претставници на Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Координативната седницата на Комитетот имаше три точки на дневен ред. На првата точка од дневниот ред, Националниот координатор го информираше Комитетот за посетата на Оценската мисија организирана од страна на Европската Унија, која е предвидена да се одржи од 5 до 9 Ноември 2018 година. Во тој контекст претставниците на Секретаријатот за европски прашања (СЕП) начелно ги запознаа присутните со агендата и целите на Оценската мисија и потребните информации за успешна подготовка на состаноците со Мисијата.
Согласно втората точка од дневниот ред, Националниот координатор сподели информации со присутните од Полугодишниот извештај за работата на Националниот комитет усвоен од страна на Владата на Република Македонија. Истовремено, присутните се запознаа и со планираните мерки и активности од страна на Националниот координатор и заменикот до крајот на 2018 година, во поглед на улогата на локалната самоуправа, верските заедници и казнено-поправните установи, во превенирање и спречување на насилниот екстремизам.
Дополнително, членовите на Комитетот, секој поединечно, информираа за реализираните цели и активности согласно претходно договорената динамика, планираните мерки и активности, како и барањата и предизвиците со кои се соочуваат при реализација на предвидените активности од Акциските планови.
Во таа насока, Националниот координатор истакна дека е неопходна поголема посветеност на секоја институција, како и зголемена меѓуинституционална соработка, координација и споделување на информации со цел успешна реализација на зацртаните краткорочни и долгорочни приоритети на министерствата и институциите кои што партиципираат во работата на Комитетот.