Шахпаска: Законот за стечајците е усвоен, обезбеден е надомест од 9.242 денари, стечајците кои ги исполнуваат условите да се пријават во АВРСМ
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ги повика сите стечајни работници кои ги исполнуваат условите предвидени во Законот за стечајци, да се пријават во Агенцијата за вработување, веднаш откако тој ќе стапи на сила.
Вчера, Собранието едногласно го изгласа Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата популарно наречен Закон за стечајци.
„Со новото законско решение, дополнителни 1100 стечајци ќе добиваат материјално обезбедување од 9.242 денари месечно. Од 2017 година досега го решивме статусот на 13.000 стечајци. Оваа Влада посветено работи за решавање на сите прашања и проблеми на граѓаните“, рече министерката Шахпаска во денешната изјава.
Стечајците кои ги исполнуваат условите согласно новото законско решение во рок од 30 дена треба да аплицираат во Агенцијата за вработување и да го остварат своето право.