Шахпаска: За над 92 проценти од вработените недела ќе биде ден за неделен одмор, оние што ќе работат добиваат за 50 до 100 отсто повисоки дневници и слободен ден
Недела – ден на неделен одмор станува реалност, обезбедивме ден за семејството, а оние што ќе работат добиваат за 50 до 100% повисоки дневници и слободен ден, оцени министерката Јагода Шахпаска по одлуката на Владата да го усвои Предлог-законот за работни односи и да го достави во собраниска процедура, а неговата имплементација ќе почне од 1 октомври оваа година.
Според анализите на Министерството за труд и социјална политика за над 92% од вработените во државата недела ќе биде ден за неделен одмор.
Ова законско решение е изработено со учество на сите партнери во социјалниот дијалог, претставници на работниците преку синдикатите и на работодавачите. Законот предвидува недела да биде ден на неделен одмор за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат.
„Овие работници за работа во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50% од редовната дневница. Дополнително, ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена“, рече министерката Шахпаска.
Со измените на Законот за трговија за вработените во трговијата предвидена е двојна дневница и слободен ден, бидејќи не станува збор за дејност која не може да се прекине.
Имплементацијата на законот ќе биде контролирана од страна на Државниот инспекторат за труд, а оние кои нема да го почитуваат ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и им се издава прекршочен платен налог. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена.
„Во периодот на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените“, оцени Шахпаска.