22/11/2024
Македонија

Шаќири: Обезбедивме неповратен грант од 3 милиони евра за модернизација на условите во училишните спортски сали

Северна Македонија добива неповратен грант во висина од 3 милиони евра кои ќе бидат инвестирани за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за набавка на нова спортска опрема за вкупно 50 спортски сали во склоп на основни училишта.

За оваа цел, министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска потпиша договор со Томаш Бошек вицегувернер на Банката за развој при Советот на Европа која ги обезбедува средствата со поддршка на земјите донатори – Шведска, Норвешка, Австрија и Германија и со Делегацијата на ЕУ во Скопје. Грант средствата се дел од проект вреден 65,7 милиони евра наменети за инвестиции во образовната инфраструктура во земјава кој се реализира со средства од националниот буџет, средства од билатерални донатори и заеми од Банката за развој при Советот на Европа, а под чадорот на Инвестициската рамка за Западен Балкан – тело за мултиратерално финансирање координирано од Европската комисија.

Министерот Шаќири изрази голема благодарност до Банката, која како што рече и во минатото во неколку наврати обезбеди средства за подобрување на условите во образовните установи, преку доделување на заеми и грантови со кои се финансираше реализацијата на проектот за изградба и опремување на училишни спортски сали и за рехабилитација на училишни објекти.

„За нас како земја во развој со прилично ограничен буџет, овој износ е значајна поддршка и уверувам дека средствата правилно ќе бидат искористени, во интерес на децата, а согласно анализата која како министерство ја направивме во изминатиот период и која покажа каде и колку, односно во кои училишта е најприоритетно да се вложи, за да се обезбедат подобри услови за часовите по спорт, но и за рекреација по завршување на наставата“, рече Шаќири.

Потенцираше дека средствата ќе бидат вложени во училишта и во урбани и во рурални средини, што значи дека нема приоритизација на некоја општина или училиште по ниеден друг основ, освен по направениот увид и проценката дека констатираните услови во спортскиот објект и постојна опрема, бараат итна промена.

„По два заеми и два гранта, сега ова е нов договор за трет неповратен грант од Банката, со што се интензивираат активностите во рамки на проектот преку кој се изградија 97 училишни спортски сали до овој момент, а 3 се во фаза на градба и се реконструираа повеќе од 100 училишни објекти, а до крајот на проектот ќе бидат реновирани уште 20тина други. Така што во целост ќе ги исполниме дефинираните очекувања и резултати поставени при отпочнувањето на проектот“, истакна министерот.

Шаќири информираше дека согласно договорот, предвидено е грантот целосно да се реализира до крајот на 2024 година, а проектот ќе нема никакви фискални импликации по буџетот на државата. Додаде и дека како министер и натаму унапредувањето на условите за образование и настава преку влог во образовната инфраструктура и опремување на образовните установи ќе биде меѓу највисоките приоритети во неговата работна агенда.

Вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа Томас Бошек изрази задоволство што овозможиле пристап на Северна Македонија до нов грант од од 3 милиони евра и информираше дека од 2007 година до сега Банката и’ овозможила на државава средства во вкупен износ од 42,5 милиони евра, од кои бенефициите преку подобрување на образовните услови ги почувствувале над 100 илјади ученици.

„Многу сме горди на оваа заедничка работа. Зголемувањето на пристапот до образованието и подобрувањето на образовните резултати заради поттикнување на социјалната кохезија и економскиот раст е главен приоритет за Банката. Затоа, со големо задоволство и во иднина би ја продолжиле соработката со Северна Македонија во областа на образованието“, рече Бошек.

Раководителот на секторот за соработка при ДЕУ во Скопје, Стефан Худолин рече дека Унијата постојано ги поддржува напорите на земјава за унапредување на образовниот систем, па така и овој пат е активно вклучена во обезбедувањето на грантот со кој значително ќе се подобрат условите за едукација во повеќе училишта. Особено изрази задоволство што проектот, кој како што рече е зрел и подготвен за реализација веднаш, ќе придонесе и за подигнување на инклузивноста, односно за поголема пристапност на училишните спортски сали за учениците со посебни потреби. Најави повеќе промотивни настани во следниот период заради подетално запознавање на јавноста со сите аспекти и компоненти на проектот.