Шекеринска: Балканот е тест за посветеноста, силата и амбицијата на Европската Унија
„Ако Европа сака сериозно да биде сфатена како глобален играч, мора сериозно да се размисли за одлуките кои претстојат. Балканот секогаш беше лакмусов тест за желбата, посветеноста, силата и амбицијата на Европа. Сега е време повторно да се покаже овој европски порив и амбиција“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на денешниот Самит за Западен Балкан, насловен „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“, кој се одржува во Скопје, во организација на престижниот „Економист“.
Споменувајќи го недостатокот на ентузијазам во Европската Унија за процесот на проширување, министерката потенцираше дека Северна Македонија во меѓувреме работеше напорно и испорача повеќе од потребното.
„Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, политиките како што се транспарентноста, слободата на медиумите – сите овие важни прашања беа реализирани затоа што ние сериозно ја сфативме нашата задача и испорачавме. Нашето членство во НАТО кое што се случи минатата година, ни даде простор да дишеме послободно, но за Северна Македонија секогаш имавме двојна цел – тоа се членството во НАТО и во Европската Унија“, рече Шекеринска.
Во однос на искуствата од проширувањето на Унијата, министерката истакна дека иако некои од земјите-членки не се среќни со овој процес, она што треба сите да се запрашаат е како би изгледала европската геополитичка сцена денеска, доколку не се случеа двете големи последни проширувања.
„Какви ќе беа геополитичките предизвици за Европската Унија доколку лидерите на Унијата пред 20 години не беа доволно храбри да чекорат напред. Тоа треба да биде потсетник за актуелните лидери на Европската Унија дека безбедноста станува предизвик секој пат кога ќе ја занемариме геополитиката“, рече министерката.
Шекеринска потсети и на важноста на членството на Северна Македонија во НАТО.
„Високите тонови меѓу Косово и Србија загрижуваат, но не стравуваме од прелевање бидејќи сме членка на НАТО. Тоа е вредноста на нашето членство како 30-ти сојузник“, рече Шекеринска.
На панел дискусијата на која преку видео-конференциски врски учествуваа и Баиба Браже, помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Џон Негропонте, поранешен заменик државен секретар на САД, Иан Лесер, претседателот на Германскиот маршалов фонд и Отон Анастасакис од Универзитетот во Оксфорд, министерката Шекеринска заклучи дека она што е навистина потребно е Европската Унија да испорача во однос на проширувањето, исто како што Северна Македонија испорача во однос на реформите. Во спротивно се испраќа погрешна порака до регионот, и се отвора опасноста од долгогодишни замрзнати спорови на Балканот.