Шекеринска- Тонин во Охрид: Северна Македонија и Словенија почнуваат стратешко партнерство во одбраната, прв фокус поддршка на нашиот противпожарен систем
Северна Македонија и Словенија почнуваат стратешко партнерство во одбраната, а првиот фокус ќе биде техничка и материјална поддршка на нашиот противпожарен систем.
Тоа е резултатот од билатералните разговори во Охрид меѓу министрите за одбрана на Северна Македонија Радмила Шекеринска и на Словенија Матеј Тонин, кои се одржаа во вилата “Охрид” во Охрид, во рамки на официјалната посета на словенечкиот министер на нашата земја.
Посакувајќи му добредојде на министерот Тонин, Шекеринска рече дека не случајно го поканила во Охрид кој е еден од 28-те градови во светот кои УНЕСКО ги прогласи за светско културно и историско наследство. „Претставувајќи Ви ја оваа убавина со која Северна Македонија се гордее, сакам да ја искажам благодарноста до Вас и до народот во Словенија што ни пруживте помош кога ни беше најпотребна”, рече министерката.
Како двајца министри за одбрана на земји членки на НАТО, посочи Шекеринска, состанокот го започнавме со нашата длабока загриженост и силна осуда на она што вчера се случи во Кабул, во Авганистан, во нападите во кои животите ги изгубија и војници и цивили.
„Детално разговаравме и за пожарите. Во владата донесовме одлука дека на системот му требаат реформи кои ќе ги води Министерството за одбрана а акцентот ќе биде ставен на опременоста и на обуките. Со колегата Тонин денес договоривме соработка на тоа поле бидејќи Словенија има огромно искуство и позитивни резултати во противпожарната заштита.
Словенечкиот министер Тонин истакна: “Посебно ме радува што денеска се среќаваме во Охрид, и баш тие охридски убавини поттикнаа нашите разговори да се продлабочат и да се уште поконкретни”. Изразувајќи поддршка за нашите евроинтеграции тој посочи дека местото на Северна Македонија е во ЕУ и дека Словенија ќе стори се за да станеме полноправна членка.
„Ќе се потрудиме да им укажеме на бугарските пријатели дека е и во нивен интерес Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Убеден сум дека веќе и денес, партнерството помеѓу Словенија и Северна Македонија е некој вид стратешко, и верувам дека во блиска иднина, тоа ќе се формализира со потпис на договор за стратешко партнерство помеѓу двете земји”, изјави министерот Тонин.
Попладнево министрите ќе го посетат Берово чиј регион беше зафатен од пожарите и каде словенечките противпожарни единици помагаа во гаснењето.