25/11/2024
Македонија

Шкријељ: Граѓаните да се безгрижни, тие ни се на прво место, нема да дозволиме поради предизборни препукувања да останат без нивните права

Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ денеска на прес-конференција во Влада на Република Северна Македонија повика на конструктивност и соработка со техничката министерка од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, во интерес на граѓаните. Шкријељ рече дека функционирањето на институциите во време на предизборие и техничка Влада е врвен приоритет на Владата и не дозволиво е граѓаните да бидат жртви на меѓупартиските препукувања и манипулации во овој предизборен период, бидејќи тоа не е одлика на прогресивните влади.

„Министерството за труд и социјална политика, со техничката Влада доби нов технички министер, но и дополнителен заменик министер. Тоа нема да има никакво влијание врз спроведувањето на планираните активности на министерството.  Во овој период не смее ниту еден процес да запре, а најмалку да бидат оштетени граѓаните. Би сакала да ги уверам граѓаните, дека и понатаму ќе продолжи исплатата на социјалната помош и другите права којшто ги следуваат согласно законите за социјална и детска заштита и за социјална сигурност на постарите лица. Социјалната реформа којашто е една од најуспешните политики на оваа Влада дава одлични резултати 27.000 семејства земаат во просек за 300 % повисока социјална помош, детски додаток земаат 27.000 деца, образовен над 8.000 деца право на социјална пензија досега имаа остварено 4.171 возрасно лице. Никој нема да им ги ускрати овие права на граѓаните, ниту смее да ги користи за предизборни манипулации“, рече Шкријељ.

Шкријељ исто така ги повика стечајните работници од утре да се пријавуваат во Центрите за вработување за да го остварат правото на месечен надоместок до пензионирање, затоа што Собранието на Република Северна Македонија ги изгласа и последните законски измени.

„Нашите проценки се дека овој надоместок ќе може да го искористат уште околу 1.000 стечајни работници. Владата за две и пол години со неколку измени и дополнувања на Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминанта сопственост на државата, успеа материјално да обезбеди вкупно 12.000 стечајци, а претходната Влада за 11 години обесштети вкупно 4.000 стечајни работници. Никој нема да биде изоставен од остварувањето на ова право“, рече Шкријељ.

Оваа Влада се грижи и ги почитува граѓаните и нема да ги злоупотребува институциите да прави предизборни притисоци врз нив. Затоа ја повикувам техничката министерка на ВМРО-ДПМНЕ за труд и социјална политика да соработуваме во периодот до 12 април и граѓаните да ни бидат на прво место, бидејќи прогресивните сили така ја водат државата. Одлика на прогресивните општества е функционирање на институциите без притисоци, владеењето на правото и демократијата.