23/11/2024
Македонија

Шкријељ: На лицата без лични документи законски им обезбедуваме права како на сите други граѓани, ќе добијат прв извод

Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата без лични документи. Со Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, што го усвои Собранието, обезбедена е институционално-правна рамка за тие конечно да добијат граѓански идентитет. Целта на овој закон е лицата кои не се евидентирани во матична книга на родени. да се евидентираат во посебна матична книга на родени, по што ќе добијат идентификациона исправа(лична карта) заради остварување на право на образование, здравствена и социјална заштита како и вработување со задолжително социјално осигурување. За овие лица, Законот предвидува постапка за дополнителен упис во матична книга на родените и добивање на прв извод. Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ вели дека ова е уште една од реализираните заложби на Министерстерството за труд и социјална политика, сите граѓани да имаат еднаков пристап до правата и услугите.

„Проблемот со лицата што не се евидентирани во матична книга на родени е нотиран одамна, но бил игнориран од надлежните институции. Такви лица, наспроти јавната перцепција, има од сите етнички заедници. Наша определба во изминатиот две и пол годишен период беше дека овие лица, кои најчесто се од најранливите општествени слоеви, не смееме да ги оставиме да живеат на маргините на општеството. Затоа почнавме со систематско и фазно решавање на ова прашање, во соработка со другите институции: МВР, Управата за водење матични книги и центрите за социјална работа како и со силна поддршка на меѓународните организации, ОБСЕ и УНХЦР. Беа идентификувани околу 700 лица без извод на родени, и тие согласно новиот Закон ќе добијат идентификациона исправа а потоа и прв извод од матична книга на родени“, укажува Шкријељ.

Новиот закон е во согласност со препораките од ЕУ. Како што посочува дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Шкријељ, законот овозможува решавање на реалните проблеми со кои со години се среќавале овие луѓе а биле невидливи за заедницата.

„Со новиот Закон, ќе им се овозможи на лицата кои што немаат и не можат да пријават адреса на живеење поради различни причини, како што е нелегализиран објект или непоседување на имотен лист, да пријават адреса на живеење и да се евидентираат на адресата на центарот за социјални работи во местото на нивното живеење“, нагласува Шкријељ.

Со имплементацијата на овој Закон една маргинализирана категорија на граѓани станува правно видлива, со што Република Северна Македонија покажува дека ги почитува демократските вредности и исклучувањето на дискриминација, согласно меѓународните норми и стандарди.