22/12/2024
Македонија

Јаневска: Владата се залага за поквалитетен и инклузивен образовен систем, знаењето и креативноста на граѓаните се основа за развој на државата

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска преку видео обраќање учествуваше на отворањето на Самитот на Фондацијата Маариф од Турција, на тема „Образование за фер и еднакво општество за одржлива иднина“, што по четврти пат се одржува во Истанбул. Воведни говорници на настанот беа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, министерот за национално образование Јусуф Текин и претседателот на фондацијата Бирол Акгун.

Министерката испрати порака дека новата Влада на Македонија нема никаква дилема дека образованието е столб на општеството и затоа го зголемува влогот во знаењето на граѓаните, во нивната креативност и иновативност со цел да му овозможи на секој поединец да го достигне својот полн потенцијал, посочувајќи дека секој личен успех е успех и на државата.

„Дел сум од релативно нова влада, која пред 5 месеци го започна мандатот со силна волја и енергија за промени кои ќе обезбедат квалитетен и инклузивен образовен систем. Тие промени веќе се случуваат. Работиме на поквалитетни наставни програми и учебници, на дигитализација, на мотивација на наставници, подобрување на инфраструктурата и оптимизација на училишната мрежа, како и воведување едносменска работа и продолжен престој за учениците исполнет со содржини кои ги интересираат. Секако, важен приоритет е и високото образование, како и усвојувањето на нова законска регулатива за повеќе и подобри можности за сите чинители на системот“, рече Јаневска.

Министерката потенцираше дека голема грижа се води за опфатноста на образованието, односно овозможувањето еднаков пристап и фер шанса за секого да се надградува под исти услови како и сите останати.

„Диспаритетот во знаењата на различните општествени групи во мојата земја е евидентен и тоа се должи на повеќе фактори чие влијание се трудиме да го неутрализирамe. Разлики во знаењето има меѓу децата од различни региони во Македонијамеѓу ученици кои припаѓаат на различни етнички заедници, a разлики причинува и социјалниот статус на семејствата од каде потекнуваат децата“, рече министерката.

Потенцираше дека со процесот на оптимизација на училишната мрежа, ќе се елиминира првиот фактор. Дел од децата од руралните средини, ќе бидат преместувани во централни училишта каде поголема е социјализацијата, компетитивноста и каде училиштата се подобро организирани и опремени. За децата пак, од социјално ранливите семејства се обезбедуваат посебни права за финансиска поддршка и стимулација на едукацијата.

„Работиме на подигнување на свеста кај дел од населението за важноста на едукацијата и за поголема посветеност кон училиштето, а со нова и зајакната законска регулатива ќе спречуваме сегрегација, но и секаков вид дискриминација во образованието“, додаде Јаневска.

Изрази благодарност до сите меѓународни партнери за поддршката која државата ја добива во заложбите за подобар образовен систем, меѓу кои ги вброи и турската владина организација ТИКА, како и Маариф фондацијата. Повика преку заедништво и иновации да продолжи развојот на образованието, кое, како што рече, овозможува мир, толеранција, разбирање на различностите и движење на светот напред.

Самитот се одржува денес и утре, а на неколкуте панел дискусии во рамки на истиот ќе учествуваат претставници на 50тина држави од светот.