Јаневска: Во 124 основни и средни училишта може да почне едносменска настава
Од први септември 124 основни и средни училишта можат да почнат со настава во една смена. Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека со дел од училиштата се уште се разговара, а дел веќе самостојно одлучиле од септември да почнат со едносменска настава.
„Во тек е и анализата што ја прави Министерството за образование и наука, а ни помага и Светска банка, што точно ќе покаже кои училишта имаат можност да работат само во една смена. Според првичните сознанија, уште 50-тина училишта, со доградба на една до пет училници, би можеле да работат само во една смена“, изјави министерката Јаневска.
Појасни дека овозможувањето едносменска настава е приоритет на Министерството и во следните неколку години ќе се вршат прилагодувања на сите училишта. Со тоа ќе се промени и самиот начин на учење и ангажирањето на наставниците, а за учениците ќе значи подолг престој во училиште исполнет со различни дополнителни наставни и воннаставни активности, кои во светот се покажале корисни во образовниот процес.