101-ва седница на Владата на РМ
Владата на Република Македонија на 101-вата седница иницираше измени на Законот за здравствена заштита и благосостојба на животните. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е задолжено заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, со ЗЕЛС, како и во соработка со граѓанските организации за правата на животните, во најкус период да подготви законски измени за да се надмине проблемот со бездомните кучиња.
На денешната седница беше прифатена информацијата за доставен предлог меморандум за реализација на заеднички интегрирана интервенција во пограничниот регион помеѓу Република Грција и Република Македонија, односно за отворање на граничниот премин „Маркова нога“. Владата на Република Македонија го овласти министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, пред претстојната средба на Заедничкиот комитет за следење на програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција да реализира средба со членовите на комитетот со цел да ги запознае со позицијата на Владата на Република Македонија по предложениот предлог меморандум.
Отворањето на граничниот премин на територијата на населено место Лемос на територија на Република Грција, општина Преспа, се смета за значителна интервенција во насока на јакнење на врските меѓу двете земји, како и интервенција со сериозна развојна карактеристика која ќе донесе повеќекратни придобивки за животната средина, развој во областа на социјалата и економијата на заедничкиот пограничен регион, односно Охрид, Ресен, Кастори и Флорина. Со отворањето на граничниот премин со сите останати пропратни и неопходни проекти, односно патна поврзаност, објект на граничните служби, развој на резиденцијалниот дел на населеното место Лемос и мулти функционалниот регионален здравствен центар во општина Преспа, ќе се постигне регионален развој и создавање на компактна транс – национална развојна зона.
Министрите на седницата ја усвоија информацијата за потребата од отпочнување постапка за водење преговори за склучување на договор помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички граничен премин за меѓународен патен сообраќај Табановце, Република Македонија и Прешево, Република Србија. Преговорите ќе ги води работна група и истата е задолжена во рок од 30 дена да ја информира Владата на Република Македонија за водените преговори при конципирањето на нацрт текстот на договорот помеѓу двете влади за воспоставување заеднички граничен премин, или one-stop-shop.
Денеска, исто така, Владата го утврди составот на 9-члената ад-хок координативна група за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализмот. Координатор на оваа група е Рубин Земон, посебен советник на Претседателот на Владата на Република Македонија, за развој на мултикултурното општество, интеркултурализмот и интер-културните комуникации. Претседател на координативната група е министерката за правда, Рената Дескоска, а нејзин заменик, министерот за култура, Асаф Адеми. Во координативната група за развој на концептот Едно општество и интеркултурализмот членуваат Аксел Ахмедовски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Петар Атанасов, заменик министер за образование, Илхан Рахман, директор на Агенција за остварување на правата на заедниците, Дарјан Сотировски, директор на Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи, Јована Тренчевска државен секретар во министерството за труд и социјална политика, како и Фатон Ахмети, државен секретар за спроведување на Охридскиот Рамковен договор.
Дел од одлуките на 101-вата седница е информација за отворени податоци, предложена од Министерството за информатичко општество и администрација. Отворените податоци се податоци достапни во компјутерски обработлив формат коишто можат да се користат слободно, да се споделуваат, да се редистрибуираат и да се реискористуваат од секого и секаде, за секоја цел. Согласно информацијата секоја институција, податоците кои ги произведува треба да ги стави на располагање на јавноста и да ги користи секој што има потреба од тоа.
На владината седница беше усвоена информацијата во врска со иницијатива за воспоставување на Заеднички економски Управен комитет помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Постојан претседавач на комитетот ќе биде д-р Кочо Анѓушев, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори, додека министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде постојан ко-претседавач. Во исто време на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на Стопански Комори, Комора на Северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), им се препорачува во рок од 5 дена до Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања да достават предлог за постојан ко- претседавач на Заедничкиот економски Управен комитет. Свои претставници во комитетот треба да номинираат и министерствата за надворешни работи и за финансии.
Владата на Република Македонија, на својата редовна 101-ва седница ја усвои информацијата за набавка, користење и одржување на монтажни лизгалишта во Република Македонија. Агенцијата за млади и спорт е задолжена да обезбеди 5 монтажни лизгалишта и согласно Законот за јавни набавки да спроведе постапка за јавна набавка за истите, како и да подготви интерен акт во врска со условите, користење и одржување на монтажните лизгалишта од страна на корисниците.