105-та седница на Владата на РМ
Владата на Република Македонија на денешната 105-та седница го усвои Предлог-Законот за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на набавката на нови автобуси за Град Скопје (ЈСП), кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Вкупниот износ на проектот е 12 милиони евра, од кои 10 милиони евра ќе бидат обезбедени преку заем од ЕБОР, додека 2 милиони евра ќе бидат обезбедени од буџетот на ЈСП Скопје. За средствата во износ од 10.000.000 евра заемопримач ќе биде ЈСП Скопје, а Република Македонија ќе издаде државна гаранција.
Оваа одлука владата ја донесе тргнувајќи од состојбата со возниот парк на ЈСП Скопје како исклучително скап за одржување и кој е еден од факторите за загадување на животната средина, односно на воздухот во градот. Со предвидената набавка се планира да се набават нископодни автобуси кои работат на компримиран природен гас, со голема економска исплатливост и еколошка предност во учеството на намалувањето на аерозагадувањето.
На денешната седница владата ја разгледа и усвои Информација за потребата од склучување на Договор за грант, во износ од 70 милиони евра, за проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“, помеѓу Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој.
Владата на Република Македонија, ја усвои Информацијата за ревидирање на Единствена листа на проекти, и го задолжи Секретаријатот за европски прашања да ја достави Единствената листа на проекти најдоцна до 28.11.2018 до Европска комисија, на која меѓу четирите приоритетни проекти се инфраструктурните зафати како што се реконструкцијата на патната делница Крива Паланка – Деве Баир), како дел од коридор 8, изградбата на граничниот премин Табановце, изградбата на автопатска делница Скопје – Блаце, како и гасоводна интерконекција со Грција.
На оваа 105-та седница, Владата на РМ донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Информативно тело за олеснување на трговијата на Владата на Република Македонија за Светската трговска организација, и препорача составот на ова тело да биде одраз на правично застапено членство.
На денешната седница е разгледана и усвоена информацијата за потребата од склучување на Амандман бр.1 на Договорот за гаранција, склучен помеѓу Република Македонија претставувана од Министерството за финансии и Европската инвестициона банка за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти од планот за поддршка на домашните компании.
Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за Иницијативата Република Македонија да биде земја домаќин на вториот „Светски конгрес на претприемачи” во 2019 година, и ја овласти Зорица Апостолска, министерка без ресор, задолжена за странски инвестиции, да го потпише „Протоколот за партнерство и соработка” со Меѓународниот економски форум „Перспективи” од кој се очекува интензивирање на контакти за обезбедување странски инвестиции.
На предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната седница владата разгледа Предлогот за именување на почесен конзул на Република Македонија во Република Косово, со седиште во Грачаница и го прифати предлогот на оваа позиција да биде именуван г-дин Расим Мрљаку, државјанин на Република Косово, во функција на воспоставување на потесна соработка со Република Македонија, пред сè на економски план.
Владата на РМ денеска ја разгледа и усвои информацијата за отворање почесен конзулат на Мексико во Република Македонија, со седиште во Скопје, и даде согласност на предлогот на Мексико за именување на г-дин Енвер Малиќи за Почесен конзул на Мексико во Република Македонија.
На седница Владата на РМ го разгледа и усвои новиот текст на Информацијата за Програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година.
На дневниот ред на денешната седница на владата се најде и беше усвоена Информацијата за отпочнување на постапката за формирање на Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност кој ќе биде одговорен да го следи развојот на високото образование и научно-истражувачката дејност, како и нивната усогласеност со европските и меѓународните стандарди и да поднесува извештаи со препораки и мерки до Собранието и Владата на Република Македонија.
На предлог на Министерството за труд и социјална политика, владата ја разгледа Информацијата за проширување на мрежата на детски градинки и центри за ран детски развој во Република Македонија.
На предлог на Собранието на РМ, владата донесе мислење за финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2019 година, со препорака делот на расходите за хонорари договор на дело, консултантски услуги и набавка на моторни возила да биде ревидиран.
На денешната седница владата го усогласи своето мислење и во однос на финансискиот план на Јавно радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2019 година, и донесе одлука да му препорача на Собранието на РМ, МРТ да го усогласи овој финансиски план со препораките за остварување на целосна уредувачка независност, на зајакнување на кадровските капацитети, со цел да биде остварен јавниот интерес за објективно и точно информирање.
На оваа своја седница Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на неговата 41. сесија (Краков, Полска 2017) за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион – добро впишано на Листата на светското наследство на УНЕСКО, и го задолжи Министерството за култура, во соработка со Национална комисија за УНЕСКО, да го достави Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на седницата во Краков.