108-та седница на Владата на РМ
Владата на Република Македонија, на денешната 108-ма седница, го усвои финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија и истиот го достави до Собранието на Република Македонија. Амандманите се составен дел на Уставот и влегуваат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г., и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
Амандманот 33 гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.
Со амандманот 34 се вршат измени во Преамбулата – амандман 4 на Уставот на Република Македонија и тој гласи: Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.
Со текстот на амандманот 35, „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.
Како резултат на јавната расправа, измени има и во текстот на Амандманот 36 којшто сега гласи:
- Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;
- Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство;
- Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;
- Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, како и образложението за истите се достапни на следниот линк: vlada.mk/mkgrdogovor.
На денешната седница Владата, исто така усвои и пакет закони предложени од Министерството за правда. Измените и дополнувањата на Кривичниот законик опфаќаат ревидирање на одредбите во неколку области, односно криминалот од омраза, неказнувањето на жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете жртва. Законот предвидува и воведување на ново кривично дело „Попречување на правдата“.
Усвојувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судови, којшто е со Европско знаме, произлегува од потребата за реформа на судството во Република Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Измените на законот се во насока на зголемување на независноста, но и подобрување на квалитетот на судството. Истиот предвидува нови, заострени критериуми за избор на судија и редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорност на судиите.
Основната цел на Предлог-законот за Судски совет, којшто беше усвоен на денешната 108-ма владина седница, е внесување на мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот, на секои две години. Предлог-законот е во согласност со препораките на Венецијанска комисија и на Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО), а со него се создава основа за утврдување на одговорност на членовите на Судскиот совет. Новиот предлог-закон предвидува и потранспарентна постапка за избор на членовите на Судскиот совет и судиите, а покрај министерот, право на глас во Судскиот совет ќе нема ниту претседателот на Врховниот суд.
Министрите денеска го прифатија и предлог-законот за извршување на санкции. Тој обезбедува остварување на две основни цели: прво, да ја спречи државата и нејзините органи во своето функционирање да применуваат непотребна, претерана, преостра и нецелесообразна присила спрема правните субјекти. И второ, тогаш кога се применува присилба, тоа да се чини од страна на надлежни органи во постапка пропишана со закон.
Последниот од пакетот предлог-закони усвоени на денешната владина седница е Предлог-законот за прекршоци. Неговата главна цел е намалување на ригорозните казни за граѓаните и за фирмите. За физичките лица, глобите ќе бидат помали за 75%, додека за малите фирми казните ќе се намалат за два и пол пати. Казните ќе бидат сразмерни и нема да го загрозуваат работењето и опстанокот на фирмите и нема да го отежнуваат животот на граѓаните. Исто така, предлог-законот предвидува и опомена заради превенција.
На 108-мата седница беше усвоена и Информацијата за потребата од донесување на Закон за изменување на Законот за поштенските услуги, како и текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за поштенските услуги.