114-та седница на Владата
На првата седница во 2019-та година, Владата на Република Македонија го задолжи Државниот инспекторат за труд да изготви детална информација, во однос на тоа како се спровела исплатата на регресот за годишен одмор, К-15 и дали и какви мерки се преземени за компаниите коишто не ја испочитувале оваа обврска.
Владата на 114-та седница ја усвои Предлог-програмата за работата на Владата на Република Македонија за 2019-та година. Таа е во согласност со Програмата за работа на Владата 2017-2020, како и во согласност со Методологијата за стратешко планирање и подготвување на Годишната програма. Програмата е во функција на остварување на стратешките приоритети и приоритетните цели за 2019 година на Владата на Република Македонија:
- Развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните;
- Република Македонија – членка на НАТО и Европската Унија;
- Одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата;
- Јакнење на владеењето на правото, преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа;
- Реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатичка технологија;
- Реформи во правосудството;
- Целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување;
- Намалување на аерозагадувањето.
Денеска Владата ја усвои информацијата за Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на државните патишта за 2019-та година. Според истата, Јавното претпријатие за државни патишта годинава ќе потроши средства за инвестиции во вкупна вредност од над 13 милијарди денари, од кои речиси 3 милијарди се сопствени средства на претпријатието.
На седницата, Владата ја прифати Предлог-програмата за инвестирање во животната средина за 2019-та година. Покрај програмата за инвестиции од 130,8 милијарди денари, за оваа програма обезбедени се 98 милиони денари. Дел ќе се наменат за поддршка на мерки и активности за намалување на загадување на воздухот со спроведување на постапка за јавна набавка. Останатиот дел од средствата ќе се доделуваат врз основа на Јавен конкурс којшто го објавува и спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за животната средина, со склучување на договори за доделување на средства.
Денеска министрите ја прифатија Предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување на средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош во Република Македонија за 2019-та година. Според програмата, пензионерите кои имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при лекувањето во болнички здравствени установи. Додека корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење на специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во Република Македонија.
Една од одлуките на 114-та владина седница е и предлог-програмата за трансплантација во Република Македонија за претстојната година. Целта на оваа програма е да се зголеми бројот на донори од починато лице преку олеснување на постапката на трансплантација на органи и ткива во интерес на пациентите, зголемување на бројот на пресадувања на органи и ткива од човечкото тело заради лекување. Понатаму, програмата ќе создаде систем којшто ќе обезбеди и којшто ќе гарантира правичен пристап кон органите и ткивата преку формирање на листа на чекање според видот на органи кои ќе се базираат на транспарентни, објективни и медицински критериуми. Дел од активностите на оваа програма ќе бидат насочени и кон подигање на свеста кај населението за донирање на органи и ткива, особено преку информирање на јавноста за важноста на трансплантацијата на органи и ткива.
Од областа на здравството, денеска Владата ја прифати и предлог-програмата за лекување на ретки болести во Република Македонија за 2019-та година. Програмата ќе овозможи континуитет на активностите кои државата ги презема за набавка на медицинска терапија за лекување и третман за пациентите со ретки болести во Република Македонија и за неа се обезбедени вкупно 380 милиони денари.
На својата редовна седница, Владата ја прифати информацијата за потребата од задолжителна инклузија на децата со лесна попреченост во редовните училишта во Република Македонија. Притоа, Владата го задолжи Министерството за образование и наука да воведе систем на следење на развојот на овие деца од страна на стручните инклузивни тимови во сите основни училишта во Република Македонија, најдоцна до март 2019 година и на квартално ниво да ја известува Владата за нивниот развој. Исто така, министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за здравство и Бирото за развој на образованието се должни во рок од 3 месеци да изготват унифицирани формулари за постапката за запишување и отпишување, како и за следење на развојот на децата во основните и средни специјални училишта кои ќе ги содржат сите потребни податоци за децата и да ја информираат Владата за преземените активности. Овие институции исто така се должни до јуни годинава, да подготват Анализа за трансфер на децата со лесна психичка попреченост од училиштата за деца со посебни потреби во редовните училишта со предлог за група/групи на деца кои ќе може да се трансферираат од учебната 2019/2020 година.
Министрите денеска ја прифатија Предлог-програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија, за 2019-та година. За оваа намена се предвидени 7, 8 милиони денари, а целта на програмата е одредување на присуството и концентрациите на контаминентите во храната, утврдување на присуство на резидуи од пестициди во и на храната, миграцијата на одделни супстанции од материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната, мониторирање на можно присуство на ГМО храна, микробиолошки критериуми и други опасности во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот.