23/12/2024
Македонија

115-та седница на Владата на РМ

Владата на Република Македонија на својата денешна 115-та редовна седница донесе одлука на Собранието на РМ да му предложи Предлог-законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси да се донесе по скратена постапка и со европско знаменце за да се донесе колку што е можно побргу со цел зајакнување на ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка за поефикасна превенција и борба против корупцијата.

На денешната седница на Владата беше разгледан и утврден новиот текст на Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија согласно член 137 од деловникот на законодавниот дом.

На оваа седница на дневен ред на Владата се најдоа повеќе годишни програми и финансиски планови за работа за 2019 година на повеќе министерства, органи во состав, агенции и јавни претпријатија.

На предлог на Министерството за економија на денешната седница Владата го донесе новиот текст на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година, како и Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година.

Во рамките на надлежностите на ова министерство денеска се усвоени и Програмата за заштита на потрошувачите за периодот 2019-2020 година, како и Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи.

На денешната седница се усвоени и Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2019, а беше разгледана и Информацијата за основање на туристичка развојна зона – Матка во Општина Сарај, со препорака Град Скопје во рок од 30 дена да обезбеди постоечка документација за изградба на Спортско рекреативен центар Езеро Треска во Општина Сарај, а Министерството за економија во рок од 4 месеци до Влада на Република Македонија да достави Информација за текот на активностите за основање на туристичка развојна зона – Езеро Треска во Општина Сарај.

На оваа своја седница Владата даде согласност за Годишната програма со Финансискиот план за 2019 година на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

На предлог на Агенцијата за млади и спорт, Владата денеска го разгледа и донесе новиот текст на Програмата за развој на спорт и млади за 2019 година, како и Предлог-програмата за распределба на средства од игри на среќа и забавни игри за 2019 година за финансирање на националните спортски федерации и проекти на Агенцијата за млади и спорт за унапредување на спортот во Република Македонија.

Владата го разгледа и даде согласност за Годишната програма за реализација на Стратешкиот план на Агенцијата за катастар на недвижности за 2019 година, а на предлог на Министерството за транспорт и врски Владата ја усвои Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко – планска документација и урбанистичко – проектни документации за 2019 година, како и Годишната програма за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на Република Македонија за 2019 година.

Министерство за животна средина и просторно планирање денеска ги предложи, а Владата на РМ ги усвои Годишната програмата за заштита на природата и Програмата за унапредување на животната средина за 2019 година.

На предлог на Министерство за локална самоуправа на денешната седница Владата ја донесе Програмата за рамномерен регионален развој во 2019 година.

Владата денеска ги донесе и Програмите за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2019 година, и за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2019 година.

На денешната 115-та седница, Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Анексот на Дополнителниот Протокол за интензивирање на соработката во борбата против трговијата со луѓе преку државната граница и за подобрување на идентификација, известување, упатување и помогнато враќање на жртвите и можните жртви на трговија со луѓе што го надополнува Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Република Албанија за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, илегална миграција и други нелегални активности, со Анекс за Дополнителен Протокол за интензивирање на соработката во борбата против трговијата со луѓе преку државната граница на двете земји.

Владата го прифати усогласениот нов текст на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерството за образование и наука на Република Казахстан во областа на образованието и науката.

На оваа своја седница Владата на РМ ја разгледа информација за измена на План за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и Министерството за здравство на Република Бугарија и го задолжи министерот за здравство да го потпише овој план за соработка меѓу двете земји.