29/11/2024
Македонија

116 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев

Денеска се навршуваат 116 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев.

Ѓорѓи Николов Делчев (Кукуш, 4 февруари 1872 – Баница, 4 мај 1903) бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.

Се школувал во Кукуш, каде што завршил прогимназиско образование (1879– 1887), во Солун, во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ каде што раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Софија во Военото училиште (1891–1894). Се вратил во Македонија (1894) и во Штип бил учител во Ново Село.

Тука се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководењето на Mакедонска револуционерна организација. Тој ја проширил мрежата на Организацијата (пролетта 1895 г.) и преку Виница организирал тајни канали. Во Солун учествувал на советувањето со водечките личности на Организацијата: Даме Груев, Пере Тошев и др. за заземање став кон Македонскиот комитет основан во Софија. Во септември бил назначен за директор на училиштето во Штип. Пред крајот на декември 1895 г. Делчев ополномоштен од ЦК на МРО, отпатувал во Софија на разговори со Македонскиот комитет и неговиот допринос кон македонското дело, меѓутоа разговорите биле неуспешни. Организирал пунктови на МРО во Ќустендил и во Дупница (во почетокот на 1896), а во февруари во Штип организирал протестна демонстрација против власта.

Учествувал на Солунскиот конгрес на кој била усвоена нова идеологија и стратегија во дејствувањето. Со Ѓорче Петров ги изработиле новиот Устав и Правилник на Организацијата.

Во текот на Доневата афера поради недостаток на докази бил ослободен, меѓутоа во мај повторно бил уапсен и спроведен во Скопје каде што бил затворен во Куршумли-ан, но повторно бил ослободен. Сепак аферата го свртела вниманието на турските власти кон Делчев. Во септември бил назначен за главен учител (директор) во Банско од каде што ја продолжил дејноста за ширење на мрежата на Револуционерната организација. Се откажал од учителската должност и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Ја презел должноста на задграничен претставник на МРО во Софија. Со писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, Менини на Ватикан му ја претставил целта на македонската борба: да се исправи неправедното решение на Берлинскиот договор за Македонија и за добивање полна политичка автономија.

По Солунската афера, Делчев и Ѓорче Петров, како задгранични претставници, ги презеле надлежностите на Централниот комитет. По добиеното известување за апсењето на членовите на ЦК во Солун, со Ѓорче Петров во средината на март издале инструктивно писмо до окружните, до околиските и до селските комитети, како и до војводите на четите, за продолжување на дејствувањето според постојната програма.

Делчев бил посветен на функционирањето на тајните канали, курирската служба, тајната пошта, обезбедувањето материјални средства и снабдувањето на Организацијата со оружје, со муниција, со револуционерна литература и со весници. Организирал производство на бомби и експлозиви во с. Саблер (во Осоговската Планина), а потоа и на Св. Гора (меѓу Зографскиот манастир и Хиландар). Тој е основач на Четничкиот институт и творец и воспитувач на првите организациско-агитациони чети и војводи. Заедно со Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите. Со формирањето на селската милиција била доградена четничката организација, која непосредно ја раководел Делчев, со статус на главен ревизор. Револуционерната организација ја презела на дело судската и извршната власт. Дејствувала тајна македонска држава во Османлиската империја.

За зацврстување на редовите во Организацијата презел инспекциска инструктивна обиколка во централниот и во западниот дел од Македонија (од август 1901 до март 1902). На крајот од септември жестоко го осудил Горноџумајското востание. Делчев го отфрлил решението на Солунскиот конгрес од 1903 година за кревање востание и со чета заминал во внатрешноста на Македонија со раководните кадри да издејствува повлекување на решението за масовно востание. Во април, во Солун се сретнал со Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, двајцата се договориле востанието да се води со засилени четнички дејствија и терористички акции.

Од Солун се упатил за Серско на закажаниот конгрес на Серскиот револуционерен округ. Пристигнал во селото Баница, Серско на 3 мај. Војската го опколила селото и во борбата утрото загинал Делчев, бескомпромисниот борец за самостојна македонска држава.