26/11/2024
Македонија

126-та седница на Владата на РСМ

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната владина седница го усвои Предлог-законот за дополнување и изменување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој се унапредува системот на државна поддршка на инвестициите, се зголемува опфатот на компании кои може да аплицираат и се поедноставуваат административните процедури за апликација. Тоа значи дека за државна поддршка ќе може да аплицираат сите компании кои остваруваат пораст на приходи од вкупното работење, во дејности како што се трговија, ИТ технологии или секундарно земјоделско производство, под услов да започнат нов производствен процес. Целта на усвоените измени е да се излезе во пресрет на барањата на бизнис заедницата и да се зголеми конкурентноста.

На владината седница беше разгледан и усвоен и Извештајот на меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба со Република Грција, според кој новиот назив на АД Македонска информативна агенција – Скопје во државна сопственост (МИА), отсега ќе биде АД Медиумска информативна агенција – Скопје во државна сопственост (МИА), новиот назив на АД Електрани на Македонија – ЕЛЕМ ќе гласи АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), и новиот назив на АД за поштенски сообраќај „Македонска пошта“ во државна сопственост – Скопје, ќе гласи АД за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ во државна сопственост Скопје.

Во таа насока, се усвои и предлог одлука за изменување и дополнување на Статутот на Акционерското друштво за производство на електрична енергија со која се преименува во Електрани на Република Северна Македонија, АД ЕСМ Скопје.

На оваа 126-та редовна седница министрите ја разгледаа и ја усвоија информацијата за потребата за изработка на Стратегија за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија со цел да се зголеми довербата на граѓаните во институциите на системот преку системско унапредување на транспарентноста и отвореноста на државните институции. Оваа стратегија ќе ги утврди приоритетните области и ќе даде стратешки насоки за институциите да ги применат принципите на добро владеење кои се дел од правниот систем на ЕУ и 12-те принципи на добро владеење од Советот на Европа. За таа цел беше задолжен Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски да ги координира понатамошните активности.

Владата ја разгледа и усвои информацијата за санација на ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија и ги задолжи Агенцијата за млади и спорт, ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија да направат разграничување на надлежностите и објектите, а потоа со Агенцијата за катастар за направат пресек и впишување на објектите и да изготват акциски план за санација.

На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство министрите денеска позитивно одлучија за измена на одлуката за висината на надоместоците за спроведување на системот на идентификација и регистрација на животните и висината на надоместокот за дополнителни официјални контроли.

Владата на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори и го прифати усогласениот текст на Договорот за намалување на цените на услугите за роаминг во мрежите за јавни мобилни комуникации во регионот на Западен Балкан, и го овласти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да го потпише на договорот за намалување на цените на роамингот на Западен Балкан.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за реафирмирање на работата на Советот за земјоделство и рурален развој (Агросовет) со Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Совет за земјоделство и рурален развој, и ја разгледа и усвои и информацијата за потпишување на Меморандум за разбирање меѓу Министерството за политики за земјоделство, прехрана и шумарство на Република Италија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија за соработка во секторот земјоделство.

На предлог на Министерството за внатрешни работи на денешната владина седница Владата на Република Северна Македонија до разгледа и усвои предлогот за поведување постапка на преговори за склучување на Протокол за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

На седницата министрите ја разгледаа и усвоија информацијата за учеството на Република Северна Македонија во доверителните фондови на НАТО во рамки на Иницијативата за градење и зајакнување на одбранбените и безбедносни капацитети на предлог на Министерството за надворешни работи, а на предлог на Министерството за одбрана се донесе одлука испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во вежбовната активност „Vigorous warrior 19“ во Република Романија.