13 години од формирањето на Дирекцијата за заштита и спасување
Дирекцијата за заштита и спасување денеска во касарната „Гоце Делчев“ одбележа 13 години од формирањето. Дирекцијата е самостоен орган на државната управа, кој настана со спојување на цивилната заштита од Министерството за одбрана и инспекцијата за заштита од пожари од Министерството за внатрешни работи на 16 мај 2005 година.
Концептот на заштита и спасување е еден од базичните системски механизми, според кои може да се добие јасна претстава за капацитетите, перформансите и зрелоста на едно општество, неговите институции, адекватно и ефикасно да одговорат на разните можни кризи и предизвици, рече министерот за внатрешни работи и потпретседател на Владата, Оливер Спасовски во своето обраќање, честитајќи им на вработените во ДЗС.
„Во тој комплементарен сегмент од институционални чинители, Дирекцијата за заштита и спасување го зазема централното место, како во делот на раното предупредување, односно следењето и проценката на состојбите, така и во делот на директен одговор кон загрозувачките ситуации. Во сите овие минати години од постоење на Дирекцијата, не само што таа несомнено ја оправдува нужноста од своето постоење во рамки на системот за заштита и спасување, туку уште повеќе се наметна потребата од нејзино поинтензивно, техничко, стручно, организационо унапредување и развој “, рече Спасовски.
Директорот на ДЗС Аднан Џафероски во своето обраќање потенцира дека воспоставувањето систем за заштита и спасување на ниво на цела држава, доекипирање и опремување на тимовите, враќање на дел од долгот кој новото раководство го затекнало по доаѓањето на чело на Дирекцијата за заштита и спасување, се дел од активностите кои ги спровело раководството на оваа институција во изминатата година.
„Само за неколку месеци е вратен речиси половина од долгот, а до крајот на годинава, планираме намирување на обврските во целост.Како нов тим, започнуваме со темелни реформи во Дирекцијата, низ дебата во која ќе бидат вклучени домашни и странски експерти. Така ќе дојдеме до квалитетен систем за заштита и спасување“, рече Џафероски.
Директорот Џаферовски на министерот Спасовски му додели плакета за одличната соработка во претходниот период.