142-ра седница на Владата на РСМ
Министерството за економија на денешната седница на Владата на Република Северна Македонија информираше дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје. Во информацијата којашто денеска пред Владата ја презентираше Министерството за економија, утврдено е дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација. По истекот на задолжителниот рок за жалба од 15 дена, Владата на Република Северна Македонија ќе може да донесе и конечна одлука за едностран раскин на Договорот за концесија со ЕУРОМАКС Ресоурцес ДОО Скопје.
На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја усвои информацијата за изготвување закон за донирање на вишокот на храна. Според оваа информација, министерствата за труд и социјална политика и за локална самоуправа се задолжени, а на ЗЕЛС му се укажува, во рок од 15 дена да изградат заеднички став во однос на дефинирање на корисници на храната којашто ќе биде донирана, односно определување на критериуми коишто треба да ги исполнуваат корисниците на храна којашто ќе биде донирана, како и да изградат заеднички став во однос на мониторинг на распределбата на вишокот на храна до крајните корисници. Агенцијата за храна и ветеринарство има рок до петти август до Владата да го достави Нацрт законот за донирање на вишокот на храна.
Дел од одлуките од 142-та владина седница се предлог – законите за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе ги поврзува Мајден во Република Северна Македонија и Промахoи во Република Грција. Спогодбата е склучена на 2 април 2019 година во Скопје, врз основа на Преспанскиот договор. Во спогодбата се предвидува двете држави, на сопствената територија да ја изградат, реконструираат и надградат соодветната патна мрежа, како и сета останата инфраструктура потребна за функционирањето на граничниот премин.
Во иста насока е и усвоениот предлог- закон за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање на еден граничен премин во регионот на Преспанското Езеро и патиштата коишто ги поврзуваат Маркова Нога на територијата на Република Северна Македонија и Лемос на територијата на Република Грција. Граничниот премин ќе овозможи поголемо поврзување и полесна комуникација на населението од овој пограничен регион
Владата денеска го усвои предлог законот за ратификација на Амандманот од Доха на Протоколот од Кјото кон Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени. Климатските промени, коишто се случуваат поради зголемената концентрација на емисии на стакленички гасови како последица од човековите активности, како што се: согорување на фосилни горива, дефорестација и зголемени емисии на метан, се едно од најважните прашања во 21 век. Како одговор на тие растечки влијанија, меѓународната заедница ја договори Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, којашто беше потпишана на Самитот во Рио, во јуни 1992 година и стапи на сила во март 1994 г. За да се зајакнат целите на Конвенцијата, во 1997 година беше усвоен Протоколот од Кјото кон рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, чија крајна цел е намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 5% во споредба со нивоата во 1990 година.
Членовите на Владата денеска ја усвоија и информацијата за признавање на високо образовните квалификации во Западен Балкан. Основа за непречено признавање на квалификациите се системите за квалитет во високото образование преку практикувањето на одредбите од Стандардите и насоките за обезбедување на квалитет во Европскиот простор на високо образование (ESG 2015) како и Националните рамки на високообразовните квалификации (QF EHEA). Декларацијата за признавање на високо-образовните квалификации во земјите од Западен Балкан претставува израз на определбите за доследна примена на препораките од Болоњскиот процес, но и настојувањата за придобивка за граѓаните од овие земји, чија мобилност на пазарот на труд или во високото образование ќе биде непречена и едноставна.
На 142-та владина седница беше усвоена Информацијата за мапирање на јавните институции и локации за бесплатен WIFI пристап. Притоа Владата ги задолжи сите органи на државна управа, органи во состав и управни организации, во рок од седум дена да достават информации за нивното телекомуникациско поврзување, како и за локациите за бесплатен безжичен WIFI интернет пристап. Истото им се препорачува да го сторат и сите самостојни органи и единици на локална самоуправа.
Како материјал за информирање Владата на Република Северна Македонија ја разгледа информацијата за стимулирање и поддршка на стручни и дефицитарни кадри во областа на културата. Според информацијата, а во согласност со Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија за 2019 година и други стратешки документи, Министерството за култура стимулирало и дало поддршка за стручно усовршување на млади таленти и дефицитарни кадри во неколку области и тоа: визуелни уметности архитектура и дизајн -25, драмска дејност- 3, музичка дејност -14, книжевност и издавачка дејност – 2, заштита на културно наследство – 8.
На денешната седница, министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураки е назначен за Заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.